23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МОЗАИК

Коко пристигна во Зоолошката градина во Скопје

Шимпанзото Коко, кој 10 години беше на ресоцијализација во Холандија, се врати во Зоолошката градина во Скопје. Со него се донесени уште три шимпанза.

„Со стручен тим од AAP Animal Advocasy and Protection – организација која спасува илјадници животни и каде што престојуваа Коко, Мими, Роси и Хјасл, денеска рано наутро шимпанзата беа пренесени во новото живеалиште. Моментално се во карантинскиот дел, каде што треба да се адаптираат, заедно со своите чувари од Холандија“, велат од ЗОО Скопје.

Шимпанзата ќе имаат огромно живеалиште со внатрешен и надворешен дел, збогатен со многу реквизити. За нив ќе се грижат четири зоо-негуватели.

Коко од 2009 година беше на ресоцијализација поради анксиозност и депресија.

„Во 2009 година Коко беше единствено шимпанзо во ЗOO Скопје, во тинејџерски години кога најмногу му треба друштво и љубов. Поради тоа што покажуваше знаци на анксиозност, но и поради несоодветното живеалиште, Зоолошка градина Скопје, заедно со неколку новинари во тоа време покрена иницијатива преку ЕАЗА, Коко да биде испратен на ресоцијализација. AAP Stichting, една од најдобрите светски организации за ресоцијализација и спасување животни, веднаш ги отвори вратите за наш Коко. Таму во текот на годините стекна многу нови другари и меѓу вработените и меѓу шимпанзата“, велат од ЗОО Скопје.