Повеќе од двеста учесници, од кои педесет еминентни професори и лекари од Македонија, но и од Турција, Албанија, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Косово и Црна Гора, беа дел од 7. Конгрес на педијатри со меѓународно учество во организација на Здружението на педијатрите на Македонија.
Конгресот се одржа во Струмица, во хотелот „Сириус“, а траеше од 25 до 28 јуни. Покрај стручните предавања, имаше и саем на кој излагачи беа 19 компании, тесно поврзани со педијатријата.
Овој конгрес имаше за цел да поттикне размена на знаења и искуства помеѓу стручниот кадар од Македонија и Европа во областа на педијатријата, за подобрување на секојдневните практики, начин на третирање и протоколи.
Покрај стандардните теми од различни области на педијатријата и превентивната медицина, главни теми за овогодишниот 7. Конгрес беа: пулмологија со алергологија, превентивна педијатрија, неврологија со развојна педијатрија, ретки болести, хематологија со педијатриска онкологија и неонатологија.
На свеченото отворање, кое се одржа на 25 јуни, свое обраќање имаа: претседателката на Здружението на педијатрите, проф. д-р Аспазија Софијанова, министерот за здравство, Венко Филипче, проф. д-р Емеритус Енвер Хасаноглу, претседател на Интернационалната педијатриска асоцијација (IPA), проф. д-р Рамуш Бејќи, претседател на Педијатриското здружение на Косово, проф. д-р Влада Вукомановиќ, директор на институтот „Мајка и дете“ во Белград, проф. д-р Георгиос Константинидис, претседател на Здружението на педијатри во Србија, со видеообраќање се обрати проф. д-р Небојша Кавариќ, претседател на Асоцијациjaта за превентивна педијатрија на Црна Гора, асс. д-р Самир Бејиќ, заменик-претседател на Здружението на педијатри на Босна и Херцеговина, проф. д-р Рада Маркова, директор на детската болница во Софија, Бугарија, проф. д-р Оливер Каранфиловски, генерален секретар на Македонско лекарско друштво, проф. д-р Калина Грифчева Старделова, претседател на Лекарска комора на Северна Македонија, проф. д-р Миливој Новак, директор на државната клиничка болница во Загреб, Ребро, како и д-р Ден Дончев, директор на Фондот за здравствено осигурување.
„Многу често се соочувам со прашањето како сум ја одбрала својата професија и одговорот на ова прашање за мене е секогаш ист. Станав педијатар бидејќи оваа професија едноставно ми го зароби срцето. Секогаш уживам кога сум околу деца. Тие се забавни, искрени и добронамерни, но кога едно дете е болно тоа е како ранет ангел. Тоа беше првичниот поттик кој ме натера вистински да се вложам во оваа професија. Но, како мојата работа напредуваше сфатив уште еден дел кој навистина е драгоцен за мене, а тоа е честа која ја добивам секој пат кога родител ќе го довери здравјето на своето дете во мои раце. Оваа привилегија е уште поголема кога детето е болно, повредено или во критична состојба. Тој момент на најголемата ранливост кај родителите, чиј инстинкт ги мотивира да направат сè за своето дете и фактот дека тие лично немаат како да го направат тоа, е вистински акт на доверба.Да се грижиш за тоа новороденче, дете или адолесцент е задача што педијатарот ја прифаќа и ја прави доброволно, чувствувајќи ја тежината на оваа одговорност, болката што детето ја издржува, стравот, тагата и загубата што родителите може да ги претрпат .Свесна за сите овие предизвици на нашата професија, со голем ентузијазам ги прифаќам сите конгреси, едукации и состаноци на кои можеме да го размениме своето знаење и искуства“, кажа претседателката на Здружението на педијатрите на Македонија, проф. д-р Аспазија Софијанова.
Она што е интересно и многу значајно за македонската педијатрија и воопшто за македонското здравство е најавата на проф. д-р Емеритус Енвер Хасаноглу, дека во 2020 година Скопје, Северна Македонија, можно е да биде домаќин на Конгресот на IPA (Интернационална педијатриска асоцијација).