23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Стоилковски: Наместо „Мој ДДВ“, власта да го врати рамниот данок и да ги намали акцизите

„Мој ДДВ“ е уште едно фијаско во најава на оваа власт во заминување која што ја доведе Македонија до раб на егзистенција, задолжена, со 0 оценка за економски капацитет, без европска иднина, без 500 евра плата, без 100.000 за докторите, со високи акцизи, а сега дополнително турка развој на сива економија, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Со проектот „Мој ДДВ“ ниту ќе има 30.000 за семејствата, ниту е изводливо освен за семејствата на Заев и семејствата на неговиот клан. Вака изгледа проектот „Мој ДДВ“ согласно потрошувачката кошничка:

На едно четиричлено семејство му се потребни 33.000 денари за да го мине месецот, согласно онаа минимална потрошувачка синдикална кошничка. Минималната плата во Македонија изнесува 12,500 денари, а просечната малку над 24.000 денари. Значи за минимално да се мине месецот потребни се една просечна и една минимална плата за четиричлено семејство!

Од тие пари, дури 42% одат за прехрана и пијалоци! Односно, ако ги земеме предвид овие 33.000 денари, околу 14.000 денари се трошат за јадење. Храната во Република Македонија е оданочена со 5% ДДВ. Значи, од нив неполни 700 денари се пари за ДДВ. 15% од нив се неполни 104 денари за поврат! Значи, сте потрошиле речиси половина плата од 33.000 денари или две плати во тој износ, за храна, за леб, за млеко, за да зготвите ручек, сте дале речиси половина и повратот изнесува 104 денари месечно!

Според истата кошничката, над 31% од парите одат за домување! Тоа се комуналните трошоци, струја, вода, чинат над 10.000 денари, кои што според власта НЕМА поврат на ДДВ за тие пари! Значи стапката каде после храната одат најмногу пари од семејниот буџет – власта нема да враќа пари! Така доаѓаме до 73% потрошени пари од платата од потребните минимални 33.000 денари, со месечен поврат од 104 денари!

Во услови кога народот не зема 33.000 плата, туку толкави се примањата во едно четиричлено семејство отприлика, тоа не значи дека троши помалку, напротив за жал, толкави се основните трошоци за храна и за сметки!

Одиме понатаму, хигиена, трошоци за хигиена! Според кошничката за хигиена се трошат над 7% од платата, односно потребни се најмалку над 2.300 денари за хигиена. За најголемиот број од нив, даночната стапка повторно е 5%! Значи за ДДВ одат 115 денари, со можност за поврат од 17 денари!

Потрошувачката кошничка, онаа што се мери не предвидува автомобили, туку јавен превоз и за тоа се двојат 7% од парите што стигаат во семејствата, а ДДВ за тоа, за јавниот превоз е 5%, значи за поврат повторно имаме 17 денари!
За облека и за обувки, просечно четиричлено семејство месечно троши 6,5% од парите кои што стигнуваат дома, а ДДВ е 6%, значи ако потрошите за облека и обувки 2.160 денари колку што пресметале за оваа кошничка, УЈП може ви врати, 15% или 8 денари! За култура 3,2% од семејниот буџет, од платата односно 1.000 денари, со даночната стапка од 3%, за што повратот изнесува 4,5 денари.

Синдикалната кошничка предвидува за одржување на здравје и за нив да потрошите 2% од платата, околу 700 денари за лекови, кои што повеќето се со 5% ДДВ, за што има 5 денари поврат на ДДВ.

Всушност со ваква плата колку што е пресметана потрошувачката кошничка од 33.000 денари, вам УЈП месечно би ви вратила околу 156 денари, или вкупно 1872 денари годишно за поврат на ДДВ од власта. Односно 30 евра за цела година собирање фискални!

И тоа, ако секогаш купувате онаму каде има фискални, не на пазар, или каде трговците ви нудат поголем попуст од повратот. Во случај и да можете да потрошите повеќе, Тевдовски се сетил и на тоа па ги ограничи парите на 1800 денари поврат за три месеци за едно лице.

Овој однапред пропаднат проект ваш ДДВ, „Мој ДДВ“, е само мачкање на очи, и е во полза на побогатите. Наместо него, власта треба да ги намали акцизите, да го врати рамниот данок и да се сврти кон реализација на вистинските капитални проекти. Вакви „модерни“ проекти за мобилни апликации се само дополнителни трошоци врз грбот на се посиромашните граѓани“ додаде Стоилковски.