23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Директорот на „Проаква“ ги демантира обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ

По обвинувањата на охридскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ упатени директно кон директорот на МЈП „Проаква“, Владимир Алексијоски, за тоа како троши државни пари, се огласи Алексијоски со тврдење дека изнесени се лаги и неаргументирани информации. преку кои, како што вели, лично е нападнат неговиот кредибилитет и угледот на МЈП „Проаква”.

Тој смета дека треба јавно да ги образложи и демантира изнесените невистини, со цел, како што наведува, јавноста и граѓаните на Охрид да бидат точно информирани.

„На функцијата ВД Директор на ова претпријатие стапив на ден 17.11.2017 година со одлука на покојниот Градоначалник,Проф.д-р Јован Стојаноски што значи дека за периодот 2017, 2018 и првите три месеци од 2019 година немам потрошено 1 милион денари. Сумата од 320.000 денари за 2017 година од вкупната сума од 1 милион воопшто не е моја, ниту е направена во мојот период во споменатата година. Во 2018 година, согласно извештајот кој според Законот за Јавни претпријатија сме должни да го објавиме на официјалната страна на претпријатието, а истиот е одобрен од страна на Надзорен и Управен орган и од страна на Советите на општините Охрид и Струга, МЈП „Проаква”, РЕ Водовод-Охрид како фирма, а не јас како поединец има трошоци за репрезентација во износ од 453.081 денари од кои 234.940денари се репрезентативни ручеци, 134.693денари се набавки за бифе и 83.448денари се за спортски игри Комуналијада. Во првите три месеци во 2019 година во кои по повод празникот „Богојавление-Водици” и манифeстацијата „Денот на рибарите”, а согласно одлуката на УО, Водовод Охрид беше домаќин на сите деловни соработници на овапретпријатие. На оваа средба учество зедоа 72 претставници од земјава и странство и за истата имаме потрошено 125.082 денари за репрезентативни ручеци и 50.241 денар за набавки за бифе или вкупно за 2018 и првото тромесечие од 2019 година имаме потрошено околу 600.000 денари. Оваа сума е речиси половина од сумата која ВМРО-ДПМНЕ ја изнесува во јавноста и за која потенцираат дека јас лично сум ја потрошил.

Што се однесува до поскапувањето на цената на водата сакам да Ве известам дека на 19.11.2017 година, односно само два дена по стапувањето на функцијата, од страна на Регулаторната Комисија добив решение по кое бевме задолжени да постапиме. Тоа решение е произлезено согласно пресметките кои беа правени во периодот од 2016 до 2017 година, кои се влезени во Бизнис Планот, кој уредно е потпишан од страна на претходниот градоначалник кој ја водеше Локалната самоуправа во периодот од 2013 до 2017 година, согласно задолжението според Законот за одредување на цената на водните услуги и истото важи за период од три години (2018-2020). Ние како и сите останати Јавни комунални претпријатија на ниво на целата држава, бевме задолжени да ги спроведеме тие одлуки најдоцна до месец мај-2018 година но кога и да беа спроведени, одлуката ќе важеше од 01.01.2018 година. Само неколку претпријатија во државата заедно со општинските совети постапија од 01.01.2018 година. Во таа група на општини и претпријатија, бевме и ние, а останатите тоа го направија најдоцна до месец мај истата година, бидејќи во спротивно следеа ригорозни казни и кривични пријави. Бидејќи ние бевме во гупата на првите претпријатија кои уредно постапија по ова решение, корекцијата за оваа година почна да се спроведува во сметките кои се издадени за месец мај.

Во оваа јавна реакција би сакал да објаснам и за тоа какви резултати има постигнато „аздисаниот” директор, како што ме нарекуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Кога стапив на оваа раководна функција, затекнав речиси 4 неиспалтени плати во РЕ Водовод Охрид, 10 неисплатени плати за РЕ Водовод и канализација Струга и 9 неисплатени плати за РЕ Колектор. Воедно и неможност за користење на здравствени услуги и прегледи за 5 години и 6 месеци. Во само една година и три месеци во МЈП Проаква како целина, исплатата на личниот доход на вработените за тековен месец се врши најдоцна до 5-ти во месецот, заедно со редовно подмирување на сите придонеси по основ на плата, што не било пракса со децении наназад. Во само една година од моето назначување на функцијата, загубата на РЕ Водовод Охрид која за 2017 година беше 36.235.000денари се сведе на загуба од само 3.660.000 денари.Истата беше намалена за цели 32.575.000денари,а на ниво на цела МЈП Проаква од загуба за 2017 година од 58.717.000, 2018 година ја заврши со добивка од 15.570.000денари или во позитивно салдо 74.287.000 денари. Овде би ги споменал и исплатените 10 милиони денари, правосилни судски пресуди кои воопшто не беа прокнижени во книговодствената евиденција, а за што следат кривични одговорности и за кои од моја страна преку Надзорниот и Управниот Одбор е побарано да се спроведе истрага од соодветни институции.Овие резултати не се постигнуваат со „аздисано”, туку со посветено, домаќинско и одговорно работење, а трошењето на народните пари е во согласност со интересите на сите граѓани.

На крај од оваа јавна реакција сакам да потенцирам дека со сета моја одговорност, стојам на располагање за сите овие изнесени податоци и во секое време сум подготвен да образложам детали за работењето на претпријатието со кое раководам“ додаде Алексијоски.