Директорот на Музејот на Република Северна Македонија, Гордан Николов, е назначен за амбасадор на Форумот на словенските култури од страна на директорката на Форумот, Андреја Рихтер.
Република Северна Македонија е членка на форумот од самото негово основање, а Гордан Николов во својство на претставник на нашата држава е член на програмскиот колегиум на форумот и член на жири-комисијата за доделување на наградата „Жива“.
„Николов е назначен за амбасадор на Форумот на словенските култури поради исклучителниот и скапоцен придонес за препознатливоста на установата и воспоставувањето меѓусебни врски меѓу словенските култури“, соопштија од Музејот.
15- годишниот јубилеј на Форумот на словенски култури и отворањето на 31. Меѓународен музички фестивал Imago Sloveniae беше одбележан вчера со голем симфониски концерт во центарот на Љубљана. На свеченоста присуствуваа и амбасадорот на Кралството Холандија, Дерк Јан Наута, Божо Бишкупиќ, поранешниот хрватски министер за култура, Дубравка Ѓуриќ Немец, поранешен помошник-министер за култура на Хрватска, и Владимир Копцл, познат книжевник од Република Србија, кои исто така беа прогласени за амбасадори на форумот на словенските култури.