Во серијата јавни настапи „Две години Влада – отворено пред граѓаните“, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на прашањата посветени на реформите во правосудството со акцент на СЈО истакна дека законот за Јавното обвинителство, со место на СЈО во обвинителскиот систем ѝ треба на државата, и дека законот разработува само принципиелни решенија без да задира во независноста на поставеноста и работата на Јавното обвинителство и на сите структури во него.
„Ги поставуваме принципите на институционална посветеност на целиот обвинителски систем во земјата. Не смееме заради политички интереси да се доведеме во ситуација да дадеме амнестија за криминални дејанија кои биле започнати. Опозицијата бара да запрат постапките и да се поништат доказите“, рече премиерот Заев.
Министерката за правда Рената Дескоска се надоврза на ова прашање и истакна дека работата на СЈО треба да се поддржи со нова законска рамка бидејќи даде резултати.
„Не треба да го минимизираме трудот на СЈО и обвинителство за организиран криминал. Донесена е пресуда против поранешен премиер. Се водат постапки против политички партии“, истакна министерката Дескоска во емисијата посветена на работата на Владата на РСМ во изминатите две години во делот на реформите на правосудството, и додаде дека поминаа времињата на разговори за кадровски решенија, бидејќи сега за тоа одлучува Советот на Јавни обвинители, а не политиката.