27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

На тезги со алати и додатоци за мобилни на пазарите и нелегален режан тутун со непознат квалитет

Имињата кои се ставени на режаниот тутун немаат врска со содржината, тоа се измислени имиња со што потрошувачи се доведуваат во заблуда. Потеклото на тутунот воопшто не е познато, ниту е бренд на кое било од имињата што ги ставаат.

Нелегалната продажба на режан тутун последниве две години добива алармантни размери и доведува до драстично намалување на легалниот пазар на тутунски производи, предизвикува огромни штети за државата, тутунските компании и производителите на тутун. Режан тутун слободно се продава на сите пазари. Во Скопје, на пример, ако порано под тезга можеше да се најде на Бит Пазар, денес го има и на Зелен Пазар во центарот на градот, како и на другите пазари по општините, а слично е и во другите градови во земјата. Практично, речиси и да нема тезга која продава алати или додатоци за телефони а да нема и нелегален режан тутун.

За овој вид нелегална продажба се дискутира по форуми на интернет, се разменуваат „искуства“ и информации за тоа кој вид тутун е со која јачина, колку чини килограм од кој вид тутун и слични информации. Но се разменуваат и телефонски броеви на кои лесно и сигурно може да се нарача „квалитетен“ режан тутун и да се добие на домашна адреса. Во дискусиите, заинтересираните понекогаш изнесуваат сомнеж дали овој вид тутун е квалитетен, бидејќи не се знае што содржи, но се убедуваат од „поискусните“ дека производот го провериле бидејќи самите го користат.

Сепак, сите што го користат не знаат дека за разлика од регистрираното производство на тутунски производи во земјава или регистриран увоз на цигари или пакуван режан тутун од лиценцирани производители, нелегалниот тутун не подлежи на никаква контрола од страна на надлежни институции. Односно, не се проверува ниту неговиот состав, потеклото, начинот на чување и складирање и останати карактеристики кои влијаат на неговиот квалитет. А со тоа се доведува во ризик здравјето на сите оние кои го консумираат.

Тоа го потврдуваат и од надлежните институции. Од Царинската управа велат дека имињата кои се ставени на режаниот тутун немаат врска со содржината, тоа се измислени имиња со што потрошувачи се доведуваат во заблуда. Потеклото на тутунот воопшто не е познато, ниту е бренд на сите тие имиња што ги ставаат.

„Потрошувачите кои го консумираат овој тутун се комплетно во заблуда. Основна работа кај тутунските производи е контролната марка. Доколку нема контролна марка, се работи за шверцуван производ. Не треба воопшто да се купува тутун кој е без контролна марка. Истата на значи само дека се платени давачките, туку и дека тој производ е поминат низ легалните форми на контрола“, изјави за Македонско радио Анастас Маженковски од Царинската управа.

Групацијата за производство на цигари при Стопанската комора на Македонија, која веќе подолго време алармира за проблемот со нелегалниот тутун, направи анализа на пет различни примероци од нелегален „режан“ тутун што се продава во земјата, а која ја спроведе овластениот Научен институт за тутун во Прилеп. Таа покажа загрижувачки резултати и ги потврди сомнежи во врска со исправноста на ваквите нелегални производи. Притоа, содржината на никотин во ваквиот тутун достигнува и до 3,36% што е многу висока вредност, ако се знае дека согласно стандардите вредност над 2% никотин се смета за висока. Количината на катран во овој нелегален тутун е и до четири пати повисока од дозволената. Ваквите податоци за количината и видот на клучните состојки во „режаниот“ тутун кој се продава нелегално, не се достапни за потрошувачите, со што тие се доведуваат во заблуда за она што го добиваат и можат да го очекуваат од ваквиот вид производ, што е сериозно кршење на правата на потрошувачите, и е уште еден показател за штетата која се прави со ваквиот вид нелегална трговија.
Пресметките на Групацијата инаку покажуваат дека нелегалниот тутун моментално опфаќа најмалку 8% од вкупната потрошувачка на тутун во земјата или 360 милиони цигари годишно, што освен што доведува до големи штети за државата поради неплатени акцизи и даноци, кои се мерат во десетици милиони евра, го загрозува и домашното производство од кое егзистираат околу 30.000 семејства.