Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими амбасадорот на Чешката Република, Мирослав Томан.
Двајцата соговорници разговараа за натамошно унапредување на севкупните односи меѓу Република Северна Македонија и Чешката Република, за нашите евроатлантски интеграциски процеси, како и за состојбите во регионот.
На средбата, претседателот Пендаровски и амбасадорот Томан изразија задоволство од пријателските релации меѓу двете земји кои се основани на почит и на разбирање, и ја потврдија подготвеноста за продлабочување и динамизирање на билатералната соработката во сите области од взаемен интерес.
Во однос на процесот на интеграција во Европската унија и во НАТО, претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија високо ја цени отворената и јасна поддршка од Чешка, додавајќи дека во следниот период е неопходно да продолжи политиката на отворени врати на ЕУ, која ја споделува и Чешката Република, заради сигурноста, стабилноста и просперитетот на целиот регион.
На средбата се разговараше и за балканската мигрантска рута, при што претседателот Пендаровски го потенцираше придонесот на Чешката Република во опрема и ресурси, како поддршка на безбедносните сили на Северна Македонија за успешно контролирање на нашата јужна граница, и изрази очекување за натамошна тесна соработка во одбраната и безбедноста.
Амбасадорот Томан на претседателот Пендаровски му го честиташе стапувањето на функцијата и му посака успех во работата, додавајќи дека ќе продолжи да работи на градење на пријателство и партнерство меѓу Република Северна Македонија и Чешката Република.