Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска и утре, ќе престојува во официјална посета на Црна Гора и ќе предводи делегација на Владата, која во главниот град Подгорица заедно со владата на Црна Гора ќе ја одржи првата заедничка седница меѓу владите на двете земји.
За време на дводневната посета на Црна Гора, заедно со владината делегација ќе престојува и поголема делегација стопанственици, членови на стопанските комори на Република Северна Македонија, кои заедно со своите колеги од Црна Гора ќе се сретнат и ќе разговараат за соработка во рамките на бизнис-форумот што го организираат двете земји.
Премиерот Заев, кој ја предводи делегацијата во која се и Радмила Шекеринска-Јанковска, заменикот на претседателот на Владата и министер за одбрана, Оливер Спасовски, заменикот на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Кочо Анѓушев, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Венко Филипче, министер за здравство, Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, Садула Дураку, министер за животна средина и просторно планирање, и Андреј Жерновски, заменик-министер за надворешни работи, ќе има билатерална средба со својот колега, претседателот на владата на Црна Гора, Душко Марковиќ, а ќе биде примен и од претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, и од претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ.
Министрите во владите на двете земји ќе имаат и одделни работни средби со своите колеги, министрите на соодветните министерства во владата на Црна Гора, по што, утре ќе следува и заедничката владина седница.
На седницата се очекува да бидат разгледани повеќе информации од интерес за двете земји за развивање и продлабочување на идната соработка и ќе бидат потпишани повеќе договори и меморандуми за соработка од областа на внатрешните работи, од заштитата на животната средина и од здравството.
На заедничката владина седница ќе му претходи бизнис-форумот, кој ќе го поздрават и отворат премиерите Заев и Марковиќ, како и претседателите на Стопанската комора на Црна Гора и на Северна Македонија, Властимир Голубовиќ и Бранко Азески, по што ќе следува работниот дел од форумот, на кој стопанствениците на двете земји ќе разговараат за перспективите за заедничка соработка.