23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ѓуровски: Пендаровски е гарант на демократијата и фактор на политичкиот дијалог

Унапредувањето на безбедносниот систем е условено од брзината на реформите во оваа област, што ќе овозможи развој на безбедносниот систем на Северна Македонија и поголема стабилност на земјата, ова е пораката испратена од денешната академска дискусија „Предизвиците на Република Северна Македонија пред и по членството во НАТО“. На дискусијата беа промовирани учебникот „Вовед во безбедноста“ од д-р Цане Мојановски, д-р Марјан Ѓуровски и д-р Гојко Павловиќ и монографијата „Индекс на безбедност 2“.

Еден од авторите во дискусијата, д-р Марјан Ѓуровски, напомена: „Република Северна Македонија ја делат помалку од 6 месеци од полноправното членство во НАТО и тоа значи чест, привилегија и потврда на напорите нa сите досегашни влади и генерации. Но, НАТО-членството значи и обврска зашто домашната задача никој друг нема ја заврши, туку ќе наметне одговорен пристап и поголема имплементација на приоритетите. Според Ѓуровски, преку зачленувањето во алијансата се потврдува територијалниот интегритет и суверинитет на земјата, но НАТО нема волшебно стапче за решавање на домашните безбедносни и политички проблеми. На НАТО, според Ѓуровски, му е потребен кредибилен играч на зелената маса зашто од резервната клупа сега, ако сакаме да бидеме на терен, и треба да се свртиме на домашните задачи: борба против корупцијата, реформите на судството и целосно реформирање на безбедносниот систем.

За поздравување е, вели Ѓуровски, најавата за промена на тимот во извршната власт, но покрај тоа, потребна е промена на приоритетите во спроведување на политиките и креирање нови јавни политики за потребите на граѓаните. Воедно, професорот Ѓуровски ги истакна 8-те столба значајни во престојниот период, меѓу кои како еден од најзачајните го истакна претседателот на државата Пендаровски, кој претставува гарант на демократијата и фактор на политичкиот дијалог и стабилноста на земјата. Затоа, доследно е потребно почитување на уставните надлежности на шефот на државата во безбедносниот систем и зајакнување на позицијата на Советот за национална безбедност. Покрај тоа, нужно е потребна консолидација на ресурсите, ажурирање на безбедносната политика, професионализација, департизација, подобра координација, демократска контрола на тајните служби, концептот на јавно приватно партнерство и донесување закон за интегрална безбедност.

Деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, Никола Дујовски, рече дека земјава долг период се обидувала да стане членка на НАТО. „Република Македонија 27-28 години не успеа да стане членка на НАТО, иако Армијата и сите други безбедносни структури вложија натчовечки напори и јас сум сигурен дека се еднакво подготвени и опремени како добар дел од армиите во НАТО, но не успеа. Република Северна Македонија ќе успее за помалку од една година. И тоа ја прави разликата начинот на користење на новото име на државата да биде поедноставен и полесен и повеќе луѓе побргу да прифатат дека таа нова држава, Северна Македонија, ќе успее набргу да ги отвори и преговорите за членство во ЕУ, што ќе ни даде уште поголем поттик да работиме во областа на безбедноста“, рече Дујовски, според кој членството во НАТО е повеќе од добра инвестиција.

Претставникот на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Јоханес Раи, истакна дека НАТО е успешен проект стар 70 години и оти почнал како сојуз со 12 земји основачи: „По распаѓањето на Советскиот Сојуз, вкупно 13 дополнителни членки влегоа во НАТО од Централна и Источна Европа. Се надевам дека Северна Македонија набргу ќе стане 30-та членка на алијансата“. Според него, НАТО денес се соочува со многубројни предизвици, како што се хибридните војни, кибер-нападите, лажните вести, што со огромна брзина се шират преку социјалните мрежи и оти на овој план, како што рече, алијансата мора значително да се подобри. Тој истакна дека НАТО не е само воен сојуз, туку и политичка организација, што значи треба тесно да соработува со владите и со невладиниот сектор, да превенира и да помага при катастрофи, да ја зајакне цивилната улога.

Во двете промовирани книги акцентот и заклучоците се ставени на тоа дека сегашната поставеност на безбедносниот систем на земјава треба да се доградува во насока сè повеќе и понагласено да дава одговор на кризите, заканите и загрозувањата и оти затоа се наметнува потребата од градење соодветни безбедносни политики преку нови стратегии, доктрини и концепции.