23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бектеши: Ќе продолжиме со поддршка на женското претприемаштво со цел јакнење на економијата

Министерот за економија, Крешник Бектеши, се обрати на регионалниот бизнис-форум за жени претприемачи од Западен Балкан, кој денеска и утре се одржува во Скопје. На настанот свое обраќање имаа и Анка Јонеску, директор на ЕБРД, како и Маја Коистра, главен менаџер во ЕБРД за мали бизниси.

Бектеши истакна дека стратегијата за развој на женското претприемаштво, изготвена во Министерството за економија со акциски план, кој ќе се имплементира во периодот 2019 – 2023 година, има цел економско јакнење на жените преку создавање поволна бизнис-клима и обезбедување поддршка за развој на нивниот претприемачки потенцијал, истовремено ќе придонесе кон развојот на постојните и отворање нови претпријатија, создавање нови работни места, а со тоа и јакнење на целокупната економија.

„За имплементација на стратегијата, Министерството за економија носи годишна Програма за конкурентност, иновации и претприемаштво, за која годинава само за оваа цел се обезбедени 2.500.000 денари, а се субвенционираа претпријатија во сопственост на жени (над 50 отсто) и управувани од жени, преку кофинансирање на 60 отсто од докажаните трошоци направени за набавка на опрема и алати; уредување на деловниот простор и воведување софтверски решенија“, информира министерот дополнувајќи дека јавниот повик е активен од февруари и дека жените претприемачи може да аплицираат до конечно исцрпување на средствата. Но, истовремено, имаат можност да аплицираат и за сите други мерки од Програмата за конкурентност, иновации и претприемаштво, која има обезбеден буџет од 53 милиони денари.

Директорката Јонеску истакна дека Програмата е пласирана во октомври 2014 година и има цел да го промовира женското претприемаштво, да го подобри пристапот до финансирање и консултантски услуги, како и да даде поддршка на микро, малите и средните претпријатија (ММСП) од Западен Балкан, кои се управувани од жени. ПЖПЗБ е финансирана од ЕБОР, Луксембург и од Шведска, со интегриран пристап на таргетирање на жените од ММСП во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и во Србија.

„Денеска, посетивме неколку компании кои ги искористија придобивките од Програмата за жени претприемачи од Западен Балкан благодарение на континуираната поддршка на донаторите и на овој начин ќе се зајакне женското претприемаштво, економиите во регионот, а со тоа ќе го забрзаме процесот на интегрирање на Западен Балкан во ЕУ“, истакна Коистра.

Настанот овозможи водечките жени претприемачи од Западен Балкан да се вмрежат и да разменат искуства. Споделени ќе бидат и резултатите од Програмата за жени претприемачи за Западен Балкан (ПЖПЗБ) и најдобрите меѓународни пракси за финансирање на жените, а ќе бидат доделени и награди за најуспешните жени претприемачи и најдобрите службеници за кредитирање на бизнисите управувани од жени.