22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ИНТЕРВЈУИЗБОР

Интервју со Д-р Сашо Ѓорѓиоски: Двете години постоење на специјалната очна болница “Деница” претставуваат обврска за уште поголеми идни успеси

д-р Сашо Ѓорѓиоски, како дел од помладата генерација медицински стручњаци во државата, речиси една деценија храбро ги освојува највисоките офталмолошки врвови, со што на нашите граѓани им ги приближува најновите европски и светски трендови и достигнувања во насока на подобро очно здравје.

Вклучувајќи се во тимот на Специјалната очна болница „Деница“ предводен од д-р Виолета Бучковска уште од самите почетоци, Ѓорѓиоски дава активен придонес во насока на издигнување на вкупните здравствени стандарди. Област од посебен интерес на д-р Ѓорѓиоски е офталмолошката дијагностика, медикал ретина, како и хирургијата на предниот сегмент на окото.

 

  • Специјалната очна болница „Деница“ обележува две години од нејзиното основање. За релативно кратко време оваа специјална здравствена установа успеа да прерасне во синоним за премиум услуги, изведени од врвни професионалци и по пристапни цени. Со оглед дека сте дел од Болницата уште од самите почетоци, како би го опишале овој период и што посебно би истакнале?

Секој нов почеток како и овој не беше воопшто лесен. Очекувањата што ги имав во тие периоди кога почнувавме со работа несомнено беа многу високи, меѓутоа со големо задоволство денес кога се навраќам на тој период можам да констатирам дека истите во текот не само што се исполнија, туку успеавме и да ги надминеме! Во ниту еден момент не се сомневав во предизвикот да работам во оваа болница, затоа што знаев дека ќе работам со најстручниот кадар во државата. Сите дојдовме со искуство од различни сегменти во офталмологијата, создавајќи цврст тим кој работи заеднички, меѓусебно споделувајќи искуства и знаења кои постојано се надополнуваат и се надградуваат. Во оваа смисла, можам само да истакнам дека овој голем исчекор што заеднички го направивме пред две години, претставува голема обврска да постигнеме уште повеќе во годините што доаѓаат, а сѐ во служба на нашите пациенти кои ја препознаа професионалноста, стручноста и доследноста на кадарот на нашата болница.

  • Спектарот на можни офталмолошки предизвици е прилично широк. Почнувајќи од основните дијагностички услуги, а завршувајќи со сложените микрохируршки интервенции. Во оваа смисла, какви сѐ услуги им нудите на пациентите во Специјалната очна болница Деница?

Во нашата болница нудиме целосна дијагностика на предниот, средниот и задниот сегмент на окото; имиџинг методи во дијагностика на очните заболувања како што се оптичката кохерентна томографија која ни дава визуелизација на задниот сегмент на окото, како и иридокорнеалниот агол; флуоресцинската ангиографија која ни ја дава визуелизацијата на ретиналните крвни садови и увид во нивната патологија; периметријата односно видното поле која ни е основната алатка во следењето на глаукомот; ехографијата која ни дава визуелизација на задниот дел на окото кога имаме непровидни медиуми; спекуларната микроскопија која ни ја дава состојбата на ендотелните клетки на роговицата односно корнеата. Тука би ги напоменале и ласерските услуги како што е ретиналниот ласер за третман на дијабетичната ретинопатија, како и YAG ласерот за третман на секундарните заматувања на интраокуларните леќи и треман на иридокорнеалниот агол кај пациенти со глауком. Од микрохируршките техники би ги издвоиле оперативниот третман на катарактата како најчеста; оперативниот третман на глаукомот; оперативниот третман на крварења во окото и одлепувања на мрежницата односно ретината; апликација на анти VGF терапија во окото кај одредени патолошки состојби како што е сенилната дегенерација на точката за јасен вид, дијабетичната макулопатија, како и оклузијата на венските крвни садови на ретината.  Секако не би ги прескокнале и помалку сложените операции како што се оперативното отстранување на надворешното перде, халазионите односно јачмените, атеромите на капаците и.т.н.

  • Низ призма на прилично широката листа на услуги кои ги извршувате, сепак, кои би биле најчестите очни болести со кои се соочуваат вашите пациенти?

Исклучително широк е спектарот на патолошки состојби со кои секојдневно се сретнуваме. Почнувајќи од рефрактерните аномалии како што се миопијата, хиперметропијата и астигматизмот, разните видови на инфекции на предниот, средниот и задниот сегмент на окото; катарактата односно народски кажано пердето, како и нејзиниот оперативен третман, како и тивкиот убиец на видот односно глаукомот и неговиот тераписки и оперативен третман. Со оглед на тоа што тимот на Деница е предводен од најдобриот дијагностичар и оператор на задниот сегмент на окото, односно ретината, д-р Виолета Бучкоска, во Болницата, исто така имаме и многу пациенти со заболувања на овој сегмент од кои би ги издвоиле: дијабетичната ретинопатија, оклузиите односно зачепувањата на ретиналните крвни садови, како и одлепувањето на мрежницата односно ретината.

 

  • Кои се основните совети што би им ги дале на читателите за заштита и унапредување на нивното очно здравје?

На прво место би ги истакнал редовните прегледи се со цел да се следи и сочува здравјето на очите, односно на време да се пресретнат заболувањата и истите да се надминат. Тука секако спаѓа и правилната исхрана богата со витамини, минерали и антиоксиданси кои се потребни за правилен развиток на окото како орган и на видот. Би истакнал посебно за заштита на очите и видот од штетното влијание на УВ зраците од сонцето, односно носење на наочари за сонце со посебен УВ филтер, носење на шешири или капи кои би нѐ штителе и од рефлектирачкото зрачење од околните предмети како и непотребно изложување на директно УВ зрачење во период од 10 до 16 часот. Следно, би укажал и на здравјето на очите на најмладите односно на децата каде треба првиот преглед да се направи на три години, секако доколку нема некаков проблем претходно.  Следните прегледи следат на шест, на девет и на единаесет години. Трендот на прегледите понатаму се намалува доколку нема некаков проблем или состојба како на пример школската миопија или хиперметропија која треба да се следи еднаш годишно. Секако би укажал и на пациентите со дијабет каде треба дисциплинирано следење на состојбата еднаш годишно доколку немаме некаков наод, односно почесто доколку имаме некое оштетување на ретината која би можела да ни го намали видот.

 

  • Исклучително силната динамика во развојот е една важна особеност на медицината денес. Постојаниот развој на знаењата, како и техничко-технолошкиот развој е клучната особеност и на офталмологијата, како гранка на медицината. Имајќи го во пред вид споменатото, кои се развојните планови на „Деница“ во оваа насока?

Сведоци сме за брзиот развиток на техниката и технологијата на глобално ниво. Секако овие трендови многу е тешко да се следат и да се биде во тек со истите. Особено е важно во офталмодијагностиката и офталмохирургијата каде секојдневно има појава на нови и пософистицирани апарати кои ни го олеснуваат работењето, визуелизацијата и достапноста на секој сегмент од окото.  Деница како болница се труди да го следи овој тренд особено со вложување во едукација, тренинг и обука на своите вработени преку учество на светски конгреси, семинари, тренинг курсеви и работилници, како и преку перманентно техничко-технолошко надоградување. Јас сум цврсто убеден дека успехот на Деница како болница е во постојаната едукација и следењето на светските трендови во офталмологијата сѐ со цел унапредување на здравјето на очите и на видот на нашите пациенти.