23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија на Кански филмски фестивал 2019

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и оваа година ќе присуствува на Кански филмски фестивал, чие 72 издание свечено ќе започне утре, 14 мај, и ќе трае до 25 мај. На свеченото отварање ќе биде прикажан филмот „Смртта не умира“ – „The Dead Don’t Die“ на американскиот автор Џим Џармуш.

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија ќе ги престави најновите македонски филмови на својот штанд во павиљонот на Југоисточна Европа SEE Pavilion no. 133,  каде традиционално има голем број на посетители и професионалци од филмската индустрија, претставници од национални филмски центри и агенции и веќе се закажани бројни состаноци од кои се очекува да произлезат плодни соработки.

Во рамките на фестивалот, на отворањето на програмата Cannes Directors’ Fortnight 2019 (Quinzaine des réalisateurs) на 15 мај, со почеток во 16:45 во Théâtre Croisette ќе биде прикажан омнибус од пет краткометражни филмови во кои ќе учествува со свој филм и македонската авторка, Елеонора Венинова.

„THE SIGN” е еден од петте краткометражни играни филмови снимени како дел од проектот Southeast European Factory (SEE Factory) кој е реализиран според концептот “La Factory“ основан од Dominique Welinski и Directors’ Fortnight.

Southeast European Factory (SEE Factory) е проект за соработка помеѓу пет земји од регионот, меѓу кои е и Република Северна Македонија. За реализацијата на овој проект беа водени разговори со филмските центри од регионот на минатиот Кански филмски фестивал, по што кон крајот на минатата година од страна на Агенцијата за филм беше потпишан и договор за негова реализација. Врз основа на овој договор за реализација на Southeast European Factory (SEE Factory), пет малди автори од регионот имаа можност да работат на пет филмови реализирани од пет автори од регионот и пет автори од светот кои заедно работеа во парови.

Филмовите се реализирани со поддршка на филмските фондови од регинонот.

Насловите на филмовите, дел од овој проект се: “THE SIGN”: Елеонора Венинова (Северна Македонија), Yona Rozenkier (Израел / Швајцарија); “LOVE SUPREME”: Dušan Kasalica (Црна Гора), Teodora Ana Mihai (Романија / Белгија); “RED STAIN”: Urška Djukić (Словенија), Gabriel Tzafka (Грција / Данска); “MOMMY”: Maša Šarović (Србија), Sharon Angelhart (Израел); “SPIT”: Neven Samardžić (БиХ), Carolina Markowitz (Бразил).

Во рамките на фестивалот ќе се одржи и Генерално собрание на EFADS (European Film Agency Directors), Асоцијација на директори на Европски филмски агенции, каде членуваат директори на филмски фондови и агенции од голем броој на европски држави. Агенцијата за филм има поднесено барање за членство во оваа значајна филмска асоцијација и е во очекување на добивање на истото.

На филмскиот маркет, кој се одржува во рамките на фестивалот од нашата држава, на 17 мај, петок, со почеток во 18:00 во салата  GRAY 3, ќе биде прикажан филмот „Незаборавна пролет во заборавено село“  во режија на Куштрим Бектеши, ко-продукција помеѓу Мануфактура (Македонија),  Media&Film (Косово) Ska-ndal (Албанија). Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм.

Во склоп на фестивалот ќе се одржи и третата работилница од програмата за развој на сценарија, ScripTeast на која и претходеа, првата во Стердин, Полска, втората во Берлин (во склоп на Берлинскиот Филмски Фестивал. Дел од оваа работилница  ќе биде  македонскиот автор Вардан Тозија кој беше селектиран за учество со сценатриото за долгометражниот игран филм со работен наслов „М“. Филмот „М“.  е финасиски поддржан од Агенцијата за филм и е во фаза на претпродукција.

Агенцијата за филм, ќе присуствува на неколку битни состаноци меѓу кои е и Генералното собрание на Европски клуб на продуценти (European Producers club) како и на 64 Генерално собрание на EFP (European Film Promotion) и на сите придружни активности кои што се во организација на мрежата за светска промоција и маркетинг на Европската кинематографија, EFP.

На Канскиот филмски фестивал ќе биде и раководителката на МЕДИА Деск МК, Бистра Георгиева која ќе учествува на Европскиот филмски форум „Европски таленти: зајакнување на креативниот потенцијал“, како и на годишните состаноци на претставниците на програмата Креативна Европа МЕДИА каде се договараат идните стратегии и можни соработки помеѓу десковите.