23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Напладне инаугурација на Пендаровски во Собрание, ќе присуствуваат повеќе државници од регионот

Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски денеска ќе ја преземе функцијата, по свечената инаугурацијата во Собранието, по што официјално ќе започне неговиот петгодишен мандат.

На давањето заклетва на петтиот по ред претседател на земјава во 12 часот во Собранието, ќе присуствува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и претседателите на Албанија, Бугарија и на Косово.

Во Кабинетот на претседателот „Вила Водно”, според најавата, во 13.45 часот ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата претседател со највисоки воени и државни почести.

По свечената церемонија, предвидено е претседателот Ѓорге Иванов и претседателот Стево Пендаровски да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува и заедничка средба на двајцата претседатели со вработените во кабинетот на претседателот.

Пендаровски ќе оствари билатерални средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, со претседателот на Република Косово, Хашим Тачи.

Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари билатерални средби и со Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, со Фарук Кајмакчи, заменик МНР на Република Турција и со Пјотр Вавжик, државен потсекретар во МНР на Република Полска.

Пендаровски вчера во Државната изборна комисија (ДИК) го доби уверението за избран претседател, пред неговата утрешна инаугурација во Собранието.

„По првпат, ако не се лажам, а памтам долго бидејќи имам доволен број години, од деведесетите па наваму, сите учесници во изборниот процес го признаа изборниот резултат и тоа е исклучително добра препорака за земјава. За тоа се заслужни не само моите двајца противкандидати на кои им благодарам за однесувањето во целата кампања туку и сите државни институции надлежни за организацијата, од Државната изборна комисија па сè до последниот гласачки одбор. Државата се однесуваше европски во целиот изборен процес“, рече Пендаровски.