23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Филозофски филмски фестивал – деветта одисеја, епизода два

Вториот ден од 9. Филозофски Филмски Фестивал (ФФФ) на вљубениците на седмата уметност и најопштата наука (филозофијата) им понуди три уникатни доживувања. Во терминот за Ревијалната програма филм-философија (18:30) беше прикажана унгарската рапсодија за сонот „За телото и душата“ на Илдико Ењеди.

Во своето обраќање до присутната публика насловено „Интимната комуникација меѓу телото и душата“, академик Катица Ќулавкова во јунговска интонација го лоцираше сонот како онаа невидлива територија на средбата меѓу телото и душата. Во 21:30 започна компетитивната програма за долгометражни филмови на ФФФ со грузиската мистична епопеја за водата – „Наме“ од Заза Калваши. Почетокот на натпреварот за „Златниот був“ уверливо демонстрира дека ниту публиката, ниту пак официјалното жири (режисерот Милчо Манчевски, професорот на филмски студии Дејвид Сорфа и философот Бошко Караџов) воопшто нема да имаат едноставна работа. „Наме“ веднаш високо го подигна естетскиот праг и отвори сериозни прашања за релацијата традиционално-модерно и митско-рационално. Вечерта заврши со аудиовизуелниот перформанс на Post Global Trio (23:15). Тони Димитров, Димитар Додовски и Мартин Георгиевски, умешно ја поведоа публиката низ пространствата отаде какофонијата на забрефтаната цивилизација, со пејзажи и звуци што инспирираат за ненаметлива медитација.

За третиот ден од Фестивалот предвидени се два настани. Во 18:30 ч., ќе се прикаже „Ида“ на полскиот режисер Павел Павликовски, добитник на Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје во 2015 година. Кон оваа интимна драма на идентитетот, семејството, вербата, чувството на припадност и историјата публиката ќе пристапи преку визурата на докторандот на Полската акадмија на науките во Варшава, Наум Трајановски: „Ида: Обид за едно крос-културно читање“.

Вечерта (21:30), е резервирана за вториот филм во компетитивната програма на долгометражни филмови на ФФФ, односно литванско/латвиско/хрватската копродукција „Дишење во мермер“. Режисерката Гиедре Беинориуте својата етичка драма на изборот и последиците, лапидарно ја изразува со зборовите: „Дишење во мермер“ е филм за обидот да се стопли камен. Можеби е невозможно, но вреди да се обидеме“.

„Секако, вреди да се обидеме да отвориме уште една креативна мислечка одисеја заедно со содржините на третиот ден од 9. Филозофски Филмски Фестивал“, велат организароеите.