Во текот на изминатите три дена од страна на непознати сторители опожарени биле контејнери на „Комунална хигиена“-Скопје, соопшти Јавното претпријатие.
Само во четвртокот биле опожарени пет контејнери на три микролокации во општината Карпош – две на булеварот Партизански одреди и една на улицата Московска.
Во текот на вчерашната ноќ гореле два контејнера кај хотелот Карпош во општината Карпош, како и еден на главната улица во општината Ѓорче Петров. Најголемиот дел од опожарените контејнери се целосно уништени и утринава биле заменети со комплетно нови садови.
„Покрај финансиската штета што му е нанесена на Претпријатието, опожарувањето на контејнерите предизвикува големи проблеми при одлагањето и собирањето на комуналниот отпад во градот. Апелираме до Инспекторатот на Градот Скопје и инспекциските служби при општините да преземат засилени мерки за надзор и санкционирање на сторителите на овие инциденти, со цел – да престане уништувањето на опремата на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје и нашите екипи да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски.“-изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Абдусамед Шабани.