24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

(Видео) Анѓушев ги отвори Мајските оперски вечери: Oбично зборувам за економија, но рационалноста оди рака под рака со уметноста

Со осврт на значењето на уметноста и влијанието што културата и сензибилитетот на времето го имаат врз нашето секојдневие, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, ги отвори 47. Мајски оперски вечери.

Потенцирајќи го фактот што традицијата на славење на оперската уметност живее во нашата земја речиси половина век, вицепремиерот порача дека тоа нè потсетува за постоењето и свеста за безвременските пораки што операта ги носи и вредностите на кои таа нè учи.

„Во моите вообичаени говори посветени на економијата, на растот и развојот, зборувам за реформа во образованието и она што го најавуваме, а тоа е дуалниот систем, но вечерва сакам да ви кажам дека сметам оти рационалноста оди рака под рака со уметноста – затоа што само така може да постои креативност. Со иста енергија, ентузијазам и љубов треба да им се посветиме и на часовите по музичко и ликовно образование затоа што односот што го градиме кон културата е, впрочем, однос кон идентитетот“, истакна Анѓушев во своето обраќање пред присутните љубители на операта.

Тој додаде дека Мајските оперски вечери се доказ дека државата со години гради и негува отвореност за културните остварувања и за уметниците од целиот свет.

„Преку Мајските оперски вечери ние говориме на сите светски јазици, се поврзуваме со други светови, со други култури и ја промовираме и нашата“, нагласи Анѓушев при отворањето на манифестацијата.