24.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Власта и опозицијата не се договорија за СЈО

За време на денешната средба на работните групи на Владата и ВМРО-ДПМНЕ во Министерството за правда не бил постигант напредок за Законот за Јавното обвинителство.

Министерката за правда, Рената Дескоска, рече дека на денешната средба станало збор за продолжувањето на постапките и користењето на доказите собрани досега. Таа истакна дека ВМРО-ДПМНЕ останала на своето барање постапките што се отворени во првите 18 месеци од формирањето на СЈО да бидат запрени, а доказите неупотребливи, што за власта е неприфатливо.

„Тоа значи дека ако им е замрзнат имотот како партија, треба да биде одмрзнат, ако се изречени мерки на претпазливост и за јавување во суд – да престанат. Таквите ставови се неприфатливи“, оцени Дескоска.

Што се однесува до шпекулациите за смена на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, министерката за правда Рената Дескоска потенцираше дека денеска воопшто не се разговарало за смена на Специјалниот јавен обвинител, ниту пак за други кадровски решенија – прашање за кое според неа, одлучува Советот на Јавни обвинители, а не политиката.

Опозицијата останува на ставот дека за предметите на СЈО, кои се отворени по истекот на рокот од 18 месеци, треба да се произнесе Венециската комисија. Власта вели дека со тоа се одолжува процесот, а роковите течат. Сепак, Дескоска најави дека Владата е подготвена по донесувањето, да го испрати законот до Венециската комисија и мислењето да биде внесено во законот.