23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ДОМ: Итно да се усвои новиот Закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион

ДОМ апелира Владата на Република Северна Македонија итно да го усвои и достави до Собранието, Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион.

Од ДОМ велат дека овој Закон обезбедува формално-правни предуслови за ефективно управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и спречување активности кои негативно влијаат врз исклучителните универзални вредности на доброто.

„Со Законот се дефинира составот и надлежностите на Советот за Охридскиот регон, како стручно и советодавно тело на Владата. Се утврдува рок од 6 месеци за донесување на Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион. До донесување на Планот времено се прекинуваат постапките за издавање одобрение за градење и постапките за вклопување на бесправно изградени објекти. Исто така, времено се прекинуваат постапките за изработување и донесување, како и постапувањето по донесените урбанистички планови, урбанистичко – плански и урбанистичко – проектни документации.

Носењето на нов Закон за управување со Охридскиот регион е и еден од заклучоците на собраниската надзорна расправа, одржана од Комисијата за култура, на иницијатива на неформалната група “Пратеници-пријатели на УНЕСКО”, чиј координатор е претседателката на ДОМ, Маја Морачанин. Во новиот Закон се вградени препораките на Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО од април 2017 година, кои се однесуваат на потребните законски измени. Доколку во 2019 година не се спроведат приоритетните препораки на УНЕСКО, Охридскиот регион може да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. Тоа негативно ќе влијае на заштитата на природното и културното наследство, но и на интересот на туристите и приходите од туризмот“, велат од ДОМ.