Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна го објави романот „Прашај го тато“ на чешкиот писател Јан Балабан, во превод од чешки јазик на Донка Роус и Даниела Роус Мишевска.
Романот е награден со најпрестижната книжевна награда во Чешка – „Магнезија литера“ за најдобра чешка проза во 2011 и со Книга на годината во Чешка, 2011 година.
Романот е речиси автобиографски и речиси пророклив. Кога авторот го завршува пишувањето на романот, завршува и неговиот живот. Раскажувањето е потрага и самопотрага за времето што поминало и за иднината што ја претчувствува… Мачниот и депресивен тон во раскажувањето е само привиден зашто овде се открива нишката што ги менува односот и сознанието за суштината на животот. Балабан пишува со смирен и раскошен поетски јазик.
Д-р Јан Недома по смртта остава три возрасни деца и седумдесетгодишна вдовица. Децата се обидуваат да се справат со личните проблеми и со тажното секојдневје по татковата смрт. Набргу почнуваат да примаат чудни писма од стариот пријател на татко им тврдејќи дека Јан Недома бил злосторник зашто си дозволил да изигрува бог решавајќи по своја волја кои пациенти имаат право на живот и кои не. Овие вознемирувачки писма и чудните соништа ги наведуваат да се присетат на настани од детството и да ги преиспитаат. Така, на површина ќе излезе дека духот на ерата на комунистичкиот режим во Чешка е сè уште присутен…
Јан Балабан (1961 – 2010) е познат чешки писател, преведувач, новинар и публицист. По завршувањето на студиите, работел како технички преведувач во Витковицките железарници, а од 2000 година работел како слободен преведувач и писател. Освен белетристика, објавувал и разни текстови во весници и списанија, а пишувал и рецензии за ликовна уметност.
Автор е на книгите со раскази „Среден век“, 1995, „Божјо јаже“, 1998, „Распуст“, 1998, „Можеби заминуваме“, 2004, на новелата „Црн овен“, 2000, на романите: „Срцето на змејот“, 2001, „Каде одеше ангелот“, 2005, „Тука сме“, 2006, романот „Прашај го тато“, 2010, кој беше прогласен за книга на годината во анкетата на „Лидове новини“ и награден со „Магнезија литера“ во 2011 година, како и на драмата „Ветерни мелници“, 2009.
Јан Балабан е еден од најпознатите писатели во современата чешка литература. Уште за време на неговиот живот е нарекуван најдобриот современ чешки писател. Има специфична раскажувачка постапка, при што на обичните настани и нешта им дава посебна тежина. Кај него е посебно препознатлив начинот на кој ги раскажува приказните и настаните и токму начинот на раскажување остава посилна импресија отколку приказната што ја раскажува. Освен за романот „Прашај го тато“, тој има освоено високи книжевни награди и за книгата со раскази „Можеби заминуваме“ (објавена и на македонски јазик од „Македоника литера“ во 2018). Таа е наградена со најпрестижната книжевна награда во Чешка – „Магнезија литера“ за најдобра чешка проза во 2005 година и е прогласена за книга на деценијата во Чешка (2002 – 2011), како и со наградата на читателите – Книга на годината според анкетата на весникот „Лидове новини“ во 2004 година (објавена е и на македонски јазик во издание на „Македоника литера“).