23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

ЗНМ до Мицкоски: Немој да етикетираш медиуми

Здружението на новинарите на Македонија смета дека говорот на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со кој етикетира медиуми е непримерен и недоличен за еден лидер на политичка партија.

Од ЗНМ појаснуваат дека Мицкоски за време на митингот во Крушево, кажа дека СДСМ ги вклучило своите скапо платени главни уредници и медиуми да лиферуваат анкети. Настапот на Мицкоски коинцидираше со објавата на анкетата на ТВ Телма.

„Ваквите јавни настапи на политичарите се неприфатливи и претставуваат директна закана кон работата и уредничката независност на медиумите и служат да го дискредитираат начинот на кој тие работат. Го повикуваме раководството на партијата ВМРО-ДПМНЕ да се извини на телевизијата и во иднина да се погрижи да не се етикетираат ниту медиумите ниту новинарите, бидејќи тоа може само да ја влоши состојбата на слободата на изразувањето во државата, а таквиот наратив може да поттикне напади врз новинарите, снимателите и фоторепортерите кои работат на терен“, посочуваат од ЗНМ.

Од здружението потсетуваат дека доколку политичарите или било кој друг има забелешки за начинот на кој известуваат медиумите можат да поднесат претставки до медиумските саморегулативни тела и тоа до Советот на честа при ЗНМ и до Советот за етика во медиумите во Македонија. Исто така, ги потсетуваат и медиумите кои известуваат за предизборната кампања дека треба да се придружуваат кон Етичкиот кодекс на новинарите и да објавуваат проверени и точни информации.