„Денеска имаме да соопштиме добри вести за нашата земја од 8. Самит на шефови на Влади на НР Кина со земјите од ЦИЕ 16+1 кој што оваа година се одржува во Дубровник, Република Хрватска.
Ја унапредуваме соработката со НР Кина и со земјите од ЦИЕ, посебно во областа на земјоделството, што ветува дополнителен напредок и развој на оваа наша стратешка економска гранка. Отвораме нови перспективи за развој на македонското земјоделството. Во рамки на одржувањето на 8. Самит на шефови на Влади на НР Кина со земјите од ЦИЕ 16+1 бевме прва земја потписничка на Акциониот план во областа на земјоделството помеѓу Народна Република Кина и Република Северна Македонија за периодот од 2020 – 2022″, изјави премиерот Зоран Заев во рамки на одржување на 8. Самит на шефови на влади на земјите од ЦИЕ и НР Кина од процесот 16+1 во Дубровник.
Овој Акционен план предвидува зајакнување на билатерална соработка во областа на земјоделството помеѓу НР Кина и Република Северна Македонија, трговија со земјоделски производи, економска соработка и рурален развој, соработка во земјоделските науки и информатичка технологија, како и соработка во областа на безбедност на храната, ветеринарните услуги и рибарството.
„Оваа зајакната соработка со НР Кина очекувам да придонесе кон зголемување на нашето земјоделско производство, подигнување на стандардите и голема шанса за извоз и пласман на нашите земјоделски производи во НР Кина. Од Самитот во Дубровник произлегуваат многу амбициозни планови и креативни иницијативи кои отвораат нови полиња на соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина.
Република Северна Македонија силно ја поддржува 16+1 иницијативата и верувам дека имаме голем потенцијал да ги унапредиме нашите партнерства и да креираме нов бизнис и економски потенцијал за соработка. Денеска имав прилика да се обратам и на пленарната сесија на којашто обраќања имаа сите шефови на Влади од процесот 16+1 и премиерите на НР Кина и Р Хрватска како домаќин, Кечијанг и Пленковиќ.
Ги информирав колегите дека наскоро ќе имаме свечено пуштање во употреба на автопатот Миладиновци – Штип, инфраструктурен проект кој произлезе од иницијативата 16+1.На 30 и 31 октомври успешно го реализиравме 5. Симпозиум на тинк-танк организации на НР Кина и земјите од ЦИЕ, кој беше прв настан организиран од ваков тип во нашата земја. На маргините на овој Самит се потпиша и меморандум за соработка помеѓу нашата академија на науки и уметности МАНУ и Кинеската академија на општествени науки (CASS). Оваа година од 19 до 21 ноември во Скопје ќе се одржи 4. министерски форум за културна соработка од процесот 16+1 во организација на Министерството за култура на РСМ и Центарот за координација на културната соработка помеѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ. Оваа година исто така, ја имаме честа и задоволството да посакаме добредојде на Грција, нашата соседна пријателска земја, како 17-та земја челна од процесот на соработка на НР Кина и земјите од ЦИЕ. Овој факт нè радува бидејќи заедно ќе можеме уште позабрзано да ја реализираме споделената визија за развој на овој дел од Европа, а посебно на Западен Балкан. Грција до сега не беше членка на оваа иницијатива 16+1 поради проблемот со името со нашата земја. Со решавањето на овој проблем, оваа иницијатива станува 17+1.Во рамки на дводневниот Самит имав можност да се сретнам со моите колеги, премиерите од земјите на Централна и Источна Европа и да размениме искуства, важни за унапредување на нашата заедничка соработка“, рече Заев.