Делегација предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и министерот за финансии, Драган Тевдовски, учествува на пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД.
Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на ММФ, СБ, Европската инвестициска банка (EИБ) и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), како и со претставници на други меѓународни финансиски организации и институции.
Во рамките на средбите се закажани одделни состаноци на делегацијата со директорот на ММФ за Европа, Пол Томсен, со извршните директори на ММФ, Ентони де Ланој и Ричард Дорнбош, како и со шефицата на мисијата на ММФ за нашава земја, Џесмин Рахман.
Во фокусот на состаноците со високите претставници на ММФ ќе бидат и монетарната политика, економскиот развој и економските показатели што ги следи централната банка, како и состојбите во банкарскиот сектор кај нас. Одделно внимание ќе ѝ биде посветено и на техничката помош што ММФ ѝ ја дава на Народната банка.
Постигнатите резултати од досегашната успешна соработка меѓу нашата централна банка и ММФ подетаљно ќе бидат анализирани и на состаноците што гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе ги оствари со раководителите на неколку дирекции на оваа меѓународна организација, вклучително и дирекциите за статистика и за монетарни и капитални пазари.
Истовремено ќе се дискутира и за можностите за поддршка од ММФ за дополнително унапредување на работата на Народната банка преку техничка и советодавна соработка во сферата на стандардите за статистичко известување и на моделите за економско проектирање.
Пролетните средби на ММФ и СБ се одржуваат секоја година и на нив учествуваат гувернерите на централните банки и министрите за финансии на земјите членки. Редовно во дискусиите на средбите акцентот е ставен на актуелните случувања во светската економија и на важни теми, како што се поттикнувањето на економскиот раст, намалувањето на сиромаштијата и промовирањето одржлив и инклузивен економски развој за сите целни групи во општеството.