Општина Аеродром денеска слави 14 години од своето основање. По тој повод градоначалникот Златко Марин ја најави роденденската прослава што ќе се одржи в недела во паркот „Авион“, на која ќе настапат групите „Прљаво казалиште“ и „Нокаут“.
„Хепенингот ќе почне напладне со настап на нашите најмали жители, кои не само што растат во Аеродром туку се и нејзината иднина. Имено, децата од градинките и основните училишта ќе се забавуваат со ритмички точки, хип-хоп настапи и соло пеење. Ним ќе им се придружат децата од училиштето ‘Аква денс’ и хорот ‘Златно славејче’“, изјави градоначалникот Марин.
Тој додаде дека забавата в недела претставува продолжение на традицијата почната минатата година да се одбележува роденденот на општината со забава на отворено во согласност со заложбата да се доближи општината до граѓаните за отвореност и достапност за сите.
Групата „Нокаут“ ќе настапи од 20 до 21.30 часот, а по нив до полноќ концерт ќе одржи позната група „Прљаво казалиште“.
Инаку, покрај забавен, прославата ќе има и хуманитарен карактер.