10.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

„Романса“ со врвната виолинистка од Кореја, Сојанг Јун, во Македонската филхармонија

„Романса“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи в четврток, 18 април, со почеток во 20 часот.

Како солистка ќе се претстави врвната виолинистка од Кореја, Сојанг Јун, која ќе го изведе виртуозниот Концерт за виолина и оркестар од Јоханес Брамс. Сојанг Јун, добитничка на престижни награди, која се смета за една од најдобрите виолинистки на новата генерација, првпат доаѓа во Скопје.

Диригент на концертот е извонредниот Михал Нестерович од Полска, а оваа вечер ќе биде изведена и прекрасната Петта симфонија од англискиот композитор Ралф вон Вилијамс, која ќе ја доживее македонската премиера.

Изведбите на виолинистката Сојанг Јун, која е една од водечките виолинисти и камерни музичари на својата генерација, се опишани од критиката како „високо дисциплинирани“ („Грамофон“) или „техничка совршеност која секогаш е во служба на музиката“ („Гардијан“). Сојанг Јун е добитничка на први награди на престижните натпревари „Јехуди Мењухин“ и „Хенрик Виењавски“, како и на сребрен медал на натпреварот во Индијанаполис. Како солист настапува со водечки оркестри, меѓу кои: Германската филхармонија на Бремен, Оркестарот на Елбфилхармонијата, Рускиот национален оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Берн, Симфонискиот оркестар на Трондхајм, Камерниот оркестар на Цирих итн., соработувајќи со музичари како: Кшиштоф Пендерецки, Ивор Болтон, Кшиштоф Урбански, Мухаи Танг, Максим Венгеров и Михал Нестерович.

Оваа година Јун ќе настапи во Карнеги хол во Њујорк, берлинскиот Концертхаус, како и со Симфонискиот оркестар на Сингапур и на турнеја низ Германија со Прашката филхармонија.

Во соработка со Корејскиот камерен оркестар, Сојанг има издадено носач на звук со „Годишните времиња“ на Пијацола и Концертот за виолина и оркестар од Феликс Менделсон, притоа настапувајќи со оркестарот на турнеја низ Азија, Европа и Северна Америка.

Спонзорирано: