23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев од Дубровник: Имаме огромен потенцијал да ги унапредиме економските и бизнис-партнерствата

Претседателот на Владата, Зоран Заев, предводи владина делегација на 8. самит на шефови на влади од ЦИЕ и НР Кина од процесот 16+1, кој оваа година се одржува во Дубровник, Република Хрватска. Во рамките на овој самит премиерот Заев учествуваше на пленарната сесија на која се обратија премиерите на земјите учеснички на самитот.

„Република Северна Македонија силно ја поддржува иницијативата 16+1. Веруваме дека има огромен потенцијал за да ги унапредиме нашите партнерства, но и да креираме нов економски и бизнис-потенцијал. Соработката на НР Кина со земјите од ЦИЕ е одлична платформа и дополнителен канал за комуникација и соработка на нашата земја со НР Кина во повеќе сектори. Република Северна Македонија го финализира своето членство во НАТО оваа година и сме фокусирани на отворањето на преговорите со Европската Унија и во тој правец иницијативата 16+1 е комплементарна со овие наши напори“, истакна премиерот Заев во своето обраќање.

Toj посочи дека нашата земја има бенефит од зајакнувањето на билатералните односи со НР Кина и во тој правец посочи на двата инфраструктурни проекта што произлегуваат како резултат на иницијативата 16+1, продолжува изградбата на автопатот Кичево-Охрид, а набргу се очекува и официјално пуштање во употреба на автопатот Миладиновци-Штип, кој се наоѓа во финална фаза на изградба.

„На 30 и 31 октомври 2018 година во Скопје успешно беше реализиран 5. тинк-тенк симпозиум на земјите од ЦИЕ и НР Кина. Ова беше прв настан од ваков тип организиран во нашата земја. Симпозиумот имаше 4 панели на дискусија, кои беа исклучително продуктивни, со конкретни предлози и решенија. На маргините на овој симпозиум беше потпишан меморандум за соработка помеѓу нашата Академија на науките и уметностите – МАНУ и Кинеската академија за општествени науки (CASS). Од 19 до 21 ноември оваа година, во организација на Министерството за култура и Координативниот центар за културна соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина, ќе се одржи 4. форум за културна соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина“.

Во таа насока Координативниот центар за културна соработка лансира веб-платформа која ќе користи за комуникација и координација на институциите од културата на 17-те земји и треба да обезбеди компатибилност и комуникација помеѓу софтверските програми на националните културни установи, односно тоа е алатка за директна комуникација и размена на информации помеѓу нив“, соопшти премиерот Заев.