23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото: Фан страна на фејсбук @zaevzoran
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Аирлија: Полска го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска во Варшава присуствуваше на седницата на Сенатот на Република Полска, на која беше изгласана согласност за Законот за ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија кон НАТО. По минатонеделното гласање во полскиот Сејм, со денешната согласност во Сенатот, Полска и формално го заврши процесот на ратификација на пристапниот протокол, како 11. по ред од земјите членки на НАТО.

По присуството на седницата, Димитров беше примен во куртоазна средба од страна намаршалот на Сенатот на Република Полска, Станислав Карчевски. На средбата беа потврдени пријателските односи меѓу двете земји и се разговараше за можностите за интензивирање на парламентарната соработка.

„Благодарни сме на Полска, која оваа година одбележува 20 години од пристапувањето во алијансата и 15 години од зачленувањето во Европската Унија, што континуирано ги поддржува нашите напори за реализација на стратешките определби за интегрирање во ЕУ и НАТО. Длабоко сме уверени дека таквата поддршка и партнерство ќе продолжат и во иднина”, рече Димитров.

Вечерва, во Претседателската палата, во рамките на министерскиот состанок за Берлински процес, Димитров ќе учествува на работна вечера под покровителство на претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, а на која ќе се зборува за младите од Западен Балкан и предизвиците со кои тие се соочуваат, во контекст на Европската Унија. Утре исто така во Варшава, министерот Димитров ќе учествува на подготвителниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите учеснички во Берлинскиот процес. Состанокот е предвиден како подготовка на шестиот Самит на Берлинскиот процес, кој оваа година ќе се одржи на 5 јули во Познан, а целта е осврт на земјите учеснички во процесот кон она што е постигнато во изминатата година, идентификувајќи ги достигнувањата, предизвиците и можностите за земјите од Западен Балкан.

Во рамки на трите предвидени сесии, министрите за надворешни работи ќе имаат можност да ги споделат своите ставови и искуства во однос на продлабочување на регионалната соработка и решавање на отворените билатерални прашања, проширување на областите на соработка на младите од регионот, со акцент на Регионалната канцеларија за млади (RYCO), како и за очекувањата во поглед на придобивките од Самитот во Познан.

На постојниот формат на земјите од ЗБ6 и земјите членки на ЕУ кои досега беа дел од процесот (Германија, Австрија, Франција, Италија, Обединетото Кралство, Полска, Хрватска и Словенија), годинава им се придружуваат и Бугарија и Грција. По завршување на состанокот, ќе се одржи и Третата министерска конференција на Фондот за Западен Балкан.