Гордана Силјановска Давкова, синоќа од Тетово рече дека Законот за јазици како противуставен ќе направи повеќе проблеми во секојдневието. Таа смета дека ќе има парализа во судството, институциите, фирмите.
Таа објасни дека со Законот за употреба на јазици ќе се создаде хаос во институциите, претпријатијата, факултетите. Додаде дека не критикува од националистички причини туку критикува врз база на правото.
– Знам што најмногу го тишти Тетово, јас не сум националист. Јас сум човек роден во турска куќа, човек кој одраснал со побратими не може да биде националист. Меѓутоа не можам, а да не кажам дека јазикот е најважниот код за комуникација, особено во мултикултурно, мултиетничко општество. Не може да се разбираме преку преведувачи. Да, Конески велеше дека јазикот е татковина, ама ние знаеме колкупати кога сме биле изгубени во преводот, не сме знаеле што навистина било предмет на разговорот, истакна Силјановска Давкова.
Нагласи дека се потребни суштински промени, прво на претседателските избори, а потоа на парламентарните предвремени избори.
Најинтересно е што истиот ден, кога Дафкова зборуваше против двојазичноста, претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски им се обраќаше на Албанците преку Алсат телевизија.