27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Димитров пред пратениците во Берлин: Северна Македонија е случај на надеж за регионот и Европа

Првиот ден од работната посета на Берлин, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, го почна со брифинг со пратеничката група за надворешна политика на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот. Министерот пред германските пратеници го презентира постигнатиот успех во односите со соседите, пред сè, преку договорите со Грција и Бугарија и понуди кус осврт на реформските резултати и очекувањата на земјата во насока на донесување одлука за почеток на пристапните преговори во јуни оваа година.

„Северна Македонија годинава претставува случај на надеж и охрабрување за регионот и Европа. Поткрепени од постигнатото, денеска во Берлин нудиме аргументи за тоа зошто е важно нашите германски пријатели да нè поддржат во отворањето на наредната врата од нашето европско патување. Направивме доста, но нè чека уште многу работа за да стигнеме до поскауваната цел – нова европска реалност преку темелна реформа и фундаментална трансформација на општеството и државата. Јасното препознавање на нашите напори ќе значи консолидација на постигнатото и дополнителен поттик на овој пат како за Северна Македонија така и за европската иднина на целиот регион“, рече Димитров.

Во таа пригода пратеникот Јурген Харт, портпарол на ЦДУ/ЦСУ за надворешна политика и член на работната група, кој го водеше состанокот, исткана: „По храбриот чекор во надминување на деценискиот спор со Грција, Северна Македонија ја има нашата полна поддршка за членството во НАТО и приближувањето кон ЕУ“.

Во рамките на денешните средби во Бундестагот, министерот Димитров се сретна и со лидерот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, Ралф Бринкхаус, со кој разговараа за актуелностите во процесот на нашата европска интеграција и подрршката и позициите на ЦДИ/ЦСУ во тој контекст, како и за други теми од регионален карактер.

Денешната посета продолжува со средби со претставници на канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел. Утре, во активностите на вториот ден од посетата, ќе се вклучи и вицепремиерот Бујар Османи, при што е планиран заеднички брифинг пред парламентарната Комисија за европски прашања во Бундестагот, на која ќе го презентираат напредокот и подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори со Европската Унија во пресрет на јунскиот совет на ЕУ. Предвидени се и средби со министерот за Европа, Михаил Рот, и новата лидерка на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер.