ВМРО-ДПМНЕ да каже колку чинат скапите лустери, порача портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
„Од овој луксузен дворец деновиве се вадат луксузни и вредни предмети и тие наводно се донираат под крајно сомнителни околности. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски пред јавноста треба да кажат колку чинат и како се набавени скапите лустери? Дали и каде и во кој финансиски извештај ја пријавиле оваа луксузна набавка?“, рече Костадинов.
Додаде дека имотот бил замрзнат поради судски предмет пред надлежниот суд, а во ек на кампања не се дозволени донации.
„Дали криминалниот имот, стекнат на сметка на граѓаните, сега се шверцува на сомнителен начин? Еве шанса и за Гордана Силјановска, која сака да зборува за правото, да се изјасни за луксузните лустери и обидот на ВМРО-ДПМНЕ замрзаниот имот да го прошверцува“, порача владејачката партија.