23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Утре ден на жалост во Кисела Вода поради смртта на Беличанец

Со едноминутен молк членовите на Советот на Општина Кисела Вода ја почнаа денешната вонредна седница свикана по повод смртта на поранешната градоначалничка Билјана Беличанец.

Советниците едногласно донесоа одлука утрешниот ден да биде прогласен за ден на жалост на територијата на општината. Со одлуката, се откажуават сите културни, спортски, забавни и други манифестации.

„Лош, можам слободно да кажам и трагичен е поводот поради кој ја свикавме денешната вонредна седница на Советот на Општина Кисела Вода, но, за жал, животот секојдневно ја покажува својата суровост. Денес на дневниот ред имаме само една точка, а тоа е утрешниот ден да биде прогласен за ден на жалост во Општина Кисела Вода по повод прераната смрт на поранешната градоначалничка Билјана Беличанец. Искрено, како претседател на овој мандат на Советот на Општината, лично не ја познавав многу г-ѓата Билјана Беличанец. Неколку пати сме се сретнале, неколку пати сме поразговарале и мојот впечаток беше дека се работи за мошне интересна и харизматична личност, со пријателски однос, со многу идеи и со желба да ги направи работите подобри. За неа можеби повеќе можат да зборуваат колегите советници од претходниот состав од кои слушав за нејзиниот конструктивен и коректен однос, за нејзината хуманост секогаш кога некому му требало помош, за прифаќањето на добрите идеи и тогаш кога доаѓале од спротивниот политички табор. Таа беше и доказ дека политиката не е само за мажите. Храбро се залагаше за своите идеи и идеали, за своите убедувања. За неа можам да зборувам и како за актерка, бидејќи на сцената таа даваше смисол на она што сите го кажуваме – даските што живот значат. Врвна актерка, со богата биографија. Со нејзиното заминување загуби многу и македонскиот театар и нејзините колеги, актерите и публиката. Изгубивме сите ние. Но сепак, најмногу загуби нејзиното семејство. Нејзините деца, сопругот, родителите, сестрата. Од име на сите присутни тука, сакам до нив да упатам најдлабоко сочувство за нивната загуба“, кажа пред присутните претседателот на Советот на Општината, Дарио Шимиќ.

Градоначалникот Филип Темелковски во своето обраќање изрази жалење за смртта на Билјана Беличанец, која, како што кажа, беше успешен градоначалник. Темелковски најави иницијатива за преименување на новоизградениот Дом на културата КВК во „Билјана Беличанец“.