23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Лицата од ранливи категории преку обуки до полесен пристап на пазарот на трудот

Првичните резултати од проектот „Учи, работи, биди продуктивен“, наменет за лицата од ранливи категории, имплементиран од страна на Лоотус Ј со поддршка од амбасадата на Австралија, денес беше презентиран пред нерезидентниот амбасадор на Австралија за Македонија, Србија и Црна Гора со седиште во Белград, нејзината екселенција Рут Стјуарт, почесниот австралиски конзул во Македонија, Зоран Костовски, и градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Од страна на Симона Јовеска во просториите на центарот Лоотус Ј, пред високата делегација беа презентирани целите на проектот, како и предизвиците со коишто се соочуваат лицата од ранливите категории во современото живеење. Градоначалничката Петровска посочи дека Општина Битола ги поддржува проектите на инклузија на лицата со посебни потреби, како и на останатите ранливи категории, како самохраните родители, жртвите на семејно насилство итн.

„Ова е уште еден доказ дека секој хендикеп, од каков било вид, не треба да претставува пречка на патот на успехот на секоја индивидуа која има јасна цел“, рече Петровска.

Австралиската амбасадорка Стјуарт истакна дека е среќна кога вложените средства имаат вистинска намена.

„Овде може да се увериме дека нашите заложби за подобра шанса на пазарот на трудот на лицата од ранливите категории се испочитувани, а истовремено ја даваме поддршката и на што поголема застапеност на жените на пазарот на трудот“, истакна Стјуарт.

Носителката на проектот, Симона Јовеска, им порача на претставниците на бизнис-заедницата да вработуваат лица од ранливите категории и да им подадат рака за подобар заеднички живот.

На настанот, на кој присуствуваа претставници од Советот на Општина Битола, родители и самите учесници на проектот, беше изведена музичка програма на учениците во Центарот и деца со попречености „Анастасија“.