15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Џафери: Балканот е дел од Европа, а ние велиме убаво е кога е цело

Република Северна Македонија во изминатиот период од околу две години направи навистина историски чекори со кои повторно се поставивме на евро-атланскиот колосек, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери, во рамки на на Конференцијата на претседатели на Парламенти на ЕУ на тема „Европската Унија и нејзините соседи“

„Со преспанскиот договор се надмина речиси тридеценискиот спор со соседна Грција. Со ова не само што се деблокира нашиот пат за членство во Европската Унија и НАТО, туку со него Скопје и Атина дадоа силен импулс на мирот, стабилноста и секако соработката во регионот и неговата европска иднина. Само да потсетам дека на почетокот на месецов во Скопје престојуваше владина делегација на соседна Грција на чело со премиерот Ципрас, во придружба на многу голем број грчки бизнисмени. Сето ова го спомнувам како добар пример за тоа дека кога се има волја и храброст да се почитуваат и имплементираат европските принципи и стандарди, тогаш е можно да се најде решение за кое било прашање или отворен проблем“, рече Џафери.

Тој потсети и дека претходно беше потпишан и договорот за пријателство со соседна Бугарија, со кој, исто така, како што рече Џафери, надминати се некои историски антагонизми што ги оптоварувале нашите билатерални односи.

„Знаете, ние во регионот Западен Балкан бевме познати по тоа што постојано создававме историја која ниту можевме да ја консумираме ниту, пак, учевме од неа. Затоа, историските грешки ни се повторуваа, а цената за тоа беше многу висока. Меѓутоа, верувам дека ова го надминавме. Иако во регионот имаме сè уште отворени прашања, како што се на пример, односите помеѓу Белград и Приштина, исто така е факт дека сите во регионот прифативме дека единствено со дијалог можат да се решат отворените прашања и проблеми. А сите ќе се согласиме дека, од мирот и стабилноста на Западен Балкан зависи и мирот и стабилноста на цела Европа“, истакна Џафери.

Тој оцени дека регионот Западен Балкан повеќе не е тоа што бил пред година или две. Во тие позитивни чекори и придобивки, вели Џафери, свој придонес има и политиката на Брисел кон регионот и кон секоја држава поединечно. Политика која од една страна јасно покажува дека Брисел сака да го интегрира регионот, но во исто време, според него, многу транспарентно укажува на секоја држава поединечно што треба да направи за да ги исполни таканаречените Копенхашки критериуми за да се стане полноправна членка.

„Годинава, кога во рамките на Европската Унија треба да се одржат избори, а тука се и процесите поврзани со брегзит, очекувано е Брисел да посвети на овие прашања многу поголемо внимание, односно ќе бидат во преден план. Во една таква политичка реалност, добрососедската политика, која најдобро се манифестира преку процесот на пристапување во Европската Унија и валоризирање на напредокот на секоја држава поединечно, мора да продолжи. На тој начин, во државите кандидати се зајакнува поддршката и мобилизацијата на јавноста за проевропскиот курс, а во исто време, ја заострува нашата одговорност како политичари да продолжиме со потребните реформи. Да не заборавиме дека, Западен Балкан културно и цивилизациски е дел од Европа, а ние велиме убаво е кога е цело“, заклучи Џафери.