Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение се огласија по изјавата на премиерот Зоран Заев дека се прифатени дел од сугестиите на ВМРО-ДПМНЕ за законот за СЈО.
„Во врска со изјавата на премиерот Зоран Заев дека наводно се прифатени дел од забелешките на ВМРО-ДПМНЕ во однос на преговорите за законските нормативи од областа на обвинителството сакаме да демантираме и да го истакнеме следново:
Прво, или господинот Заев го нема прочитано новиот предлог кој министерката за правда, Дескоска, го достави до претставникот на ВМРО-ДПМНЕ или, пак, Заев продолжува свесно да не ја говори вистината во јавноста и фингира дека наводно власта е кооперативна.
Второ, неприфатлива е реториката на власта и принципот земи или остави, кои не одат во интерес на процесот.
И трето, власта може на вештачки начин да оформи двотретинско мнозинство, како што и практично покажа во изминатиов период, но тоа нема да донесе квалитет на реформите ниту, пак, ќе им даде легитимитет без договор со ВМРО-ДПМНЕ. Евентуално такво водење на процесот подразбира покажување мускули во политиката и никако не може да биде реформа туку алатка за пресметка на Заев со политичките неистомисленици“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштение.