22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

„Викиликс“ тврди дека Асанж ќе биде исфрлен од еквадорската амбасада

Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, во следните неколку часа или дена ќе биде исфрлен од еквадорската амбасада во Лондон, соопшти организацијата на „Твитер“.

„Високо позициониран извор од Еквадор му рече на ‘Викиликс’ дека Џулијан Асанж ќе биде исфрлен за ‘неколку часа или дена’, а како изговор се користи #INAPapers скандалот. Веќе постои договор со Велика Британија за неговото апсење“, се вели во објавата.

ИНА-документи се збирка документи испратени на еден еквадорски парламентарец во кои претседателот на Еквадор, Ленин Морено, е обвинет за корупција.

Изјавата на „Викиликс“ доаѓа два дена откако Морено го обвини Асанж дека постојано го крши договорот за својот азил во амбасадата и официјален Куито бара договор со Британците да му биде дозволено да ја напушти амбасадата.

Еквадор, исто така, се сомнева дека „Викиликс“ е одговорен за споделување приватни фотографии на Морено на социјалните мрежи.

Асанж се пресели во амбасадата во 2012 година за да избегне апсење и екстрадиција во Шведска, каде што беше обвинет за силување.

Шведското судство, во меѓувреме, го отфрли барањето, но британските власти велат дека ќе го уапсат Австралиецот кога тој ќе ја напушти амбасадата бидејќи ја крши својата условна казна бегајќи.

Асанж вели дека стравува од неговата екстрадиција во САД, каде што тој би можел да биде обвинет за објавување хакирани владини документи за војните во Авганистан и Ирак.

Неговиот однос со амбасадата се влоши во последниве години, а Еквадор му го укина интернетот минатата година.