Почетокот на работниот престој на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во Вашингтон го одбележаа средби со претставници на американски државни институции, за коишто заеднички беше отворено изразеното задоволство од придружувањето на Република Северна Македонија во алијансата. Покрај тоа, соговорниците на министерот Димитров покажаа особен интерес за темпото и длабочината на реформскиот процес, како предуслов за општество засновано на вистински демократски вредности, соопшти МНР.
Во таа смисла, Филип Рикер, помошник-државен секретар, осврнувајќи се на состојбата на балканскиот простор и потенцирајќи дека е неопходно државите најпрво внатрешно да се преобразат и да изградат капацитет за систем заснован на правда и вредности, упати јасни пораки: „Со нетрпение ве очекуваме во НАТО. Реформите, особено во однос на СЈО, се императив и неопходно е да се зачува независноста на СЈО (во рамките на ЈО) и неговиот капацитет, во интерес на правдата и одговорноста за корупција”.
На иста линија беше и дискусијата со конгресменот Б. Бојл, кој го посочи договорот од Преспа како соодветен пример за надминување на конфликтни ситуации, не само во нашиот регион туку и пошироко. Министерот Димитров искажа благодарност за покажаната поддршка од страна на Конгресот, и очекување дека САД, како наш докажан партнер, без застој ќе го ратификуваат протоколот за полноправно членство во НАТО.
На линија со традиционално добрите односи со нашиот сосед Република Албанија, министрите Димитров и Цакај ја потпишаа Спогодбата за основање културно-информативни центри во Република Северна Македонија и во Република Албанија. Честитајќи му на својот колега десетгодишнина од членство во алијансата, министерот Димитров уште еднаш потенцираше дека регионот може да биде просперитетен само ако сите негови држави се „успешни приказни”.
Денот беше заокружен со интервју на министерот во кое се осврна на прашањето како изгледа Северноатлантската алијанса од перспектива на Република Северна Македонија – триесеттата НАТО-членка. Министерот Димитров беше интервјуиран и за специјализираниот магазин „Надворешна политика” (Foreign Policy).
Денеска министерот Димитров ќе присуствува на обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг. Со почеток во 13 часот Димитров, заедно со грчкиот колега, ќе учествува на сесија на NATO ENGAGES, посветена на „Наследството и улогата на НАТО-политиката на отворени врати”, по што следуваат заедничко интервју со МНР Катругалос, како и интервју за „Гласот на Америка”. По приемот за одбележување на 70-годишнината од формирањето на алијансата, министерот Димитров ќе оствари средба со државниот секретар на САД, Помпео. Во текот на денот планирани се и повеќе билатерални средби.