Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска се обратија на конференцијата на тема: „Лажни вести за договорот од Преспа“, што се одржува во Атина, Грција.
Како што потенцираа во своите воведни обраќања министерот Манчевски и министерот за дигитални политики, телекомуникации и медиуми на Грција, Никос Папас, заедничката конференција е потврда за пријателството помеѓу двете земји како резултат на договорот од Преспа.
Како што истакна министерот Манчевски, патот до надминување на деценискиот проблем меѓу двете држави не беше лесен, а лажните вести беа моќна алатка на непријателите на договорот од Преспа.
„Лажните вести и дигиталната пропаганда секогаш имаат цел да манипулираат со скриените стравови и основните инстинкти на граѓаните. Секогаш пренесуваат порака на национализам, поделба, борба, конфликт, силни емоции, омраза, етнички прашања… Таков беше случајот и со лажните вести кои се однесуваа на договорот од Преспа. Основна форма на медиумска манипулација беше нецелосното известување, односно намерно неинформирање за клучниот факт дека на веб-страницата на Владата кусо по потпишувањето е објавен оригиналниот текст на договорот. Лажните вести најчесто се базираа на селективно избрани сегменти од членови на договорот на кои им беа додавани нови значења преку шпекулации што беа претставувани како факти“, истакна министерот Манчевски.
Како што потенцира тој, во периодот од 1 април 2018 до 15 март 2019 година објавени се 35.261 напис на македонски јазик и 13.995 на албански јазик. Анализите покажуваат дека во просек 10 отсто од овие натписи може да се вбројат во информации чија цел не е информирање на јавноста, односно имаа цел да презентираат неточни информации како факти. 10 отсто од оваа бројка е нешто што навистина загрижува!
„Повеќето написи се објавени во септември и октомври 2018 година и јануари 2019 година. Од анализирани 750 написи, чија цел не е информирање на јавноста, повеќето написи биле објавени во септември и октомври 2018 година, но досегот на социјалните мрежи бил најголем во декември 2018 и јануари 2019 година. Ова покажува дека лажните вести се зголемени за време на референдумската кампања и периодот на усвојување на уставните измени во Собранието, како и ратификувањето на договорот во грчкото собрание“, информира Манчевски.
Министерот Роберт Поповски се осврна на заложбите на Владата за борбата против лажните вести.
„Како Влада, повикавме на конструктивна атмосфера и отворена дебата со граѓаните, без страв, заплашување и притисоци да градат сопствени ставови за секое отворено прашање. Од почетокот на процесот до ден-денеска и понатаму остануваме на ставот дека гласност и транспарентност на процесот треба да има и ние се гордееме што учествувавме во создавањето на тој амбиент. Гласноста им овозможува на професионалните и независни медиуми да ги изразат ставот на граѓаните и интересот на јавноста во една демократска држава. Овозможивме дебата. Актуелната Влада и нејзините политики демонстрираа дека постои силна политичка волја и стручна подготвеност да ги спроведеме медиумските реформи и да подобриме условите за работење на медиумите во соработка со медиумските професионалци. Како централна извршна институција се заложивме дека во својата работа, а особено во сферата на комуникациите, ќе бидеме отворена влада. Отворена влада, која константно во јавноста пласира точни информации. На лагата да ѝ ја спротивставиме вистината!“, истакна министерот Поповски, кој понатаму го изрази своето длабоко уверување дека токму вистината ќе го продлабочи искреното пријателство и ќе ги интензивира соработката и заедмната поддршка на граѓаните на Грција и Северна Македонија.
Министерот за дигитални политики, телекомуникации и медиуми, Никос Папас, зборуваше за досегашната соработка помеѓу владите на Република Грција и Република Северна Македонија.
„Промовираме повеќе проекти, не само билатерални туку и регионални. Никој повеќе нема изговор да се спротивстави на соработката и партнерството помеѓу овие две држави. Единствени што сè уште се против се оние што инвестираа премногу во поделба и сега тие, би рекол, се неврботени. Но, патот кон соработка и пријателство се отворени. Ова е успех на две влади, Владата предводена од Ципрас и Владата предводена од Заев, кои несебично својот политичкиот успех го ставија настрана со цел надминување на проблемите. Можеби треба да размислиме да доделиме Нобелова награда за лажни вести. Има многу кандидати и тешко ќе биде да го избереме победникот. Наша цел е да направиме мост за соработка со неутрални и точни информации. Тоа ќе го постигнеме сите заедно. Мораме да ја вратиме довербата, особено по големиот успех што го постигнавме. Наша заедничка алатка е вистината“, рече министерот Папас.
Конференцијата е во заедничка организација на МИОА и Министерството за дигитални политики, телекомуникации и медиуми на Грција.