23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Засилени инспекциски контроли поради палењето стрништа и шумски пожари

Државниот инспекторат за земјоделство заедно со Државниот инспекторат за шумарство и ловство како органи во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ги интензивира контролите на терен поради палењето земјоделско земјиште, стрништа и шумските пожари, јави МЗШВ.

Во повеќе наврати двата инспектората имаат извршено контроли на теренот, при што се откриени сторители што палат бесправно стрништа и друга сува тревна отпадна вегетација на земјоделски површини. Од Министерството појаснуваат дека Државниот инспекторат за земјоделство преку државните инспектори за земјоделство извршил 50 инспекциски надзори за што се составени 50 записници, издадени се 10 платни налози, од кои 9 се платени, а за 10 прекршители постапката е во тек .

ДИЗ апелира земјоделците и сите лица да ги почитуваат одредбите од Законот за земјоделското земјиште дека корисниците на земјоделско земјиште се должни да спроведуваат мерки за заштита од пожари во согласност со прописите за заштита од пожари, а доколку се констатираат правни или физички лица да постапуваат спротивно на законот, веднаш да се преземаат мерки поради сторен прекршок.
На последниот состанок на Регионалниот штаб договорено е да се вршат заеднички контроли на терен со претставници на МВР, ТППЕ и ДИЗ, каде што има земјоделски површини и постои опасност од палење стрништа.

Државниот инспекторат за шумарство и ловство, во согласност со одредбите на Закон за шумите, е овластен да врши инспекциски надзор за спроведување на одредбите од Закон за шумите.

Државниот инспекторат за шумарство и ловство им даде наредби на сите шумарски и ловни инспектори за вонредни инспекциски надзори на субјектите што стопанисуваат со шумите во делот на спроведување на годишните оперативни планови и исто така ги задолжи концесионерите на ловиштата да вршат опсервирање за заштита на ловиштата од пожари и за нивно диретно вклучување за заштита на ловиштата од пожари преку своето членство.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира на крајно внимателно и одговорно однесување на сите лица што извршуваат активности во земјоделството и шумите.

Временските услови, кои се значително погодни за појава на пожари на отворен простор, на земјоделски површини и во шумските предели, покрај огромната штета кај земјоделските култури и добитокот, претставуваат и сериозна опасност за човечкиот живот. Единиците на противпожарната бригада во неколку наврати и пред неколку месеци интервенираа со гаснење огнени стихии, а интервенции имаше и од Центарот за управување со кризи.

Само во тековниот месец ЈП „Национални шуми“ евидентира 70-ина пожари со опожарена површина од 1.600 хектари. Со цел намалување и одговорно однесување, МЗШВ потсетува дека палењето пожари е забрането и тоа дело е казниво според законот.