Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера оствари средба со граѓаните на општина Валандово. Пред присутните, Мицкоски потенцираше дека веќе навршуваат две години од владата на СДСМ и Зоран Заев, а граѓаните се уште немаат почувствувано никаква реална добивка од нивниот мандат, туку напротив граѓаните на Република Македонија се соочуваат со сиромаштија, беда, криминал и корупција, неправда и понижување.
Тој посочи дека иако СДСМ и Заев ветуваа загарантиран откуп на земјоделските производи на земјоделците, како и повисоки субвенции, не исполнија ништо, односно реалноста во Македонија со земјоделието е поразителна.
„Мора да му ставиме крај и на ова понижување кое што го трпат земјоделците. Ветуваа загарантиран откуп, ветуваа големи субвенции, ветуваа помош за земјоделците, а реалноста е поразителна. Од оние јаболкари кои што денеска ги сечат стеблата на дрвата во ресенско, преку оние кои што ги фрлаа сливите во Пијанец и Малешевијата, се до оние во Пелагонија кои што останаа необрани житните полиња, преку раноградинарските култури овде во Валандово, во Богданци, во струмичко. Сето тоа преку оние лозари кои што останаа измамени од страна на овој министерот кој што го видовме пред некој ден на телевизија како се фали дека шопингува во Дубаи додека земјоделецот едвај први со први скрпува за него и неговото семејство“, вели Мицкоски.
Тој додаде дека мора да се стави крај на сите понижувања од страна на актуелната влада врз граѓаните, како и за сите искажани празни ветувања.
„Мора да му ставиме крај на сето она понижување и омаловажување, на сите оние лаги кои што за жал денеска во Република Македонија се секојдневие. Тој човек денеска не убедува нас дека работел за идните генерации, какви идни генерации кога ти коренот ни го исече. Но повторно ние сме како пиреј и колку да не корнеш господине Заев ние повторно ќе растеме троскот и повторно ќе растеме. Нека слушаат и нека следат и нека запишуваат за целиот криминал, за пљачката, за осиромашувањето, за сите лаги од прв до последен ќе одговараат пред законот“, посочи претседателот Мицкоски.