Претседателот на Република Северна Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ѝ го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА.
Признанието се доделува за значаен придонес на ТИКА во унапредувањето на добросостојбата на македонските граѓани и развој на капацитетите на институциите на Република Северна Македонија, како и за унапредувањето на пријателските односи и соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Турција.
Претседателот Иванов на церемонијата на доделување на признанието потенцира дека ТИКА во Република Северна Македонија има инвестирано над 60 милиони евра во 900 проекти во областа на здравството, образованието, животната средина, инфраструктурата и во други области. Како едни од најзначајните проекти финансирани од Турската агенција за соработка и координација, македонскиот претседател ги истакна проектите за изградбата на Детскиот ургентен центар и за обновувањето на одделот за интензивна нега при Клиниката за детски болести, кои беа по иницијатива на сопругата на претседателот, г-ѓа Маја Иванова. Оваа „Повелба на Република Македонија“ е едно големо благодарам од родителите и децата, од наставниците и учениците, од сите оние што ја почувствувале солидарноста на пријателскиот турски народ преку Турската агенција за соработка и развој. Воедно, ова е и поттик не само за ТИКА туку и за многу други организации, институции и поединци да се вклучат во она што го нарекувам натпревар во добрина“, рече претседателот Иванов.
Претседателот на Турската агенција за соработка и координација, д-р Сердар Чам, изрази благодарност од името на целата агенција и ја истакна честа за доделеното признание. Чувствувам многу блискост кон Македонија, кон македонскиот народ и целото население што живее тука и морам да признaм дека со уште поголема одговорност ќе работам по добивањето на ова значајно признание“, рече д-р Сердар Чам.