Во моментов се случува окупација и узурпација на брегот на Охридското Езеро, а власта премолчува и не презема ништо. Палењето на трската на најразлични локации на брегот на езерото јасно ја покажува неодговорноста и негрижата на природното богатство и Охридското Езеро како македонски бисер, од страна на централната и на локалната власт. Очигледно е дека се работи за смислено и добро испланирано сценарио. Самиот факт дека надлежните се исклучително пасивни по однос на зачестените палења на трската, особено пред почетокот на летната туристичка сезона, наведува дека позадината на овие случувања е сосема друга, изјави Маја Славева од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, можно е исто како и на езерото Матка крај Скопје, преку ноќ да никнат нови платформи, нови плажи или темели од некој објект. И додека се чека реакција од страна на институциите на државата, можеме повторно да бидеме сведоци некој да побара и легализација на овие објекти и повторно сите да се прогласат за ненадлежни.
,,Можеби антикорупциската комисија повторно ќе се јави дека е надлежна и за овој проблем.Ги повикуваме владиниот Инспекциски совет, Државниот градежен инспекторат, Инспекторатот за земјоделие и Државниот инспекторат за животна средина кои вршат контрола на целото крајбрежје, вклучително и на плажите на кои веќе повеќе од две години им се истечени договорите за концесионирање, веднаш да излезат со официјална информација и да ги откријат нарачателите и потпалувачите на трската. Бареме брзи и ефикасни мерки и казни за сторителите на ова кривично дело”, додаде таа.