Centar.mk
БИЗНИСПРОМО

ПЛАЌАТЕ СÈ ВО КЕШ? Од 2027 година доаѓаат нови правила низ Европа

Од 10 јули 2027 година во Европската Унија почнува да се применува ново правило со кое се ограничуваат големите плаќања во готовина. Станува збор за европската Регулатива 2024/1624, дел од мерките против перење пари и финансирање тероризам.

Според регулативата, трговците и давателите на услуги нема да смеат да примаат или вршат готовински плаќања над 10.000 евра, без разлика дали сумата се плаќа одеднаш или е поделена на повеќе поврзани трансакции. Земјите членки ќе можат да определат и понизок национален лимит.

Промени има и кај помалите суми. Кај одредени повремени готовински трансакции од најмалку 3.000 евра, субјектите опфатени со правилата за спречување перење пари ќе мора да го идентификуваат и проверат клиентот. Во пракса, тоа може да значи барање личен документ или пасош.

Сепак, готовината не се укинува. Ограничувањето од 10.000 евра не се однесува на плаќања меѓу две физички лица кога тие не настапуваат во рамки на деловна или професионална активност.

Новите правила се однесуваат на ЕУ и не значат автоматско воведување ист лимит во Македонија, која не е членка на Унијата. Но тие ќе бидат важни за граѓаните кои купуваат стоки или услуги во земјите каде што регулативата се применува.