Зголемена безбедност на храната која се внесува во државата преку заеднички и координиран пристап на Царинската управа и Агенцијата за храна и ветеринарство, како и олеснување и забрзување на легалната трговија. Ова се конкретните придобивки, договорени со Меморандумот за соработка, што денеска го потпишаа директорот на Царинска управа Бобан Николовски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов.
„Безбедноста на храната ни е еден од клучните приоритети. Суштината на Меморандумот е зајакнат и координиран пристап преку размена на информации со што делуваме превентивно во спречување на секој обид за криминал со храна. Секој обид за загрозување на здравјето на граѓаните ќе биде најстрого санкциониран. Истовремено зајакнување на соработката е клучна и за унапредување на делувањето против царински измами со храна. Размената на информации е клучна за сузбивање на ваквите криминални дела преку анализа на податоци, креирање на профили на ризик и преземање на истражни дејствија и фаќање на сторителите”, истакна директорот Николовски.
Директорот на АХВ, Миланов, вели дека потпишувањето на Меморандумот претставува јасна потврда за заедничката определба на двете институции за координирано, современо и транспарентно делување, со цел унапредување на системите за контрола на храната и животните, олеснување на трговијата и приближување кон европските регулативи и стандарди.
“Акцент со Меморандумот ставен е на унапредувањето на системите за следливост на животните и спречување на нелегалната трговија, со што се обезбедува дополнителна заштита на јавните интереси и на благосостојбата на животните. Заедничката акција е чекор напред кон модернизација на институциите, зголемување на довербата на стопанството и обезбедување сигурен и здрав пазар за граѓаните”, вели Миланов.
Агенцијата за храна и ветеринарство донираше и електронски читачи за микрочипови кои се ставени на располагање на царинските службеници при контрола на домашни миленици. На овој начин се јакне капацитетот за идентификација и проверка на сопственоста на животните, особено при премин преку граничните пунктови, што истовремено претставува мерка за спречување на шверц и заштита на здравствено – санитарната безбедност.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


