Centar.mk
-ЛОКАЛНО

Град Скопје го отвора процесот за креирање на буџетот за 2026 со целосна транспарентност

– Град Скопје оваа година го започнува процесот на креирање на буџетот со максимална транспарентност, отчетност и вклученост на јавноста. Со јасна определба да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите, буџетот за 2026 година ќе биде изработен преку отворен и партнерски пристап, во кој секој жител, организација или заедница ќе може да даде конструктивен придонес, се вели во соопштението на Град Скопје кое е во продолжение:

Како град кој се стреми кон стабилен развој, модернизација и поефикасни услуги за граѓаните, Скопје го става дијалогот во центарот на сите процеси. Со тоа ја потврдуваме нашата заложба дека буџетот не е само финансиски документ, туку стратегија што се гради врз реалните потреби, предизвици и визија за иднината на градот.

Во продолжение ја пренесуваме изјавата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски:

Заедно го креираме градскиот буџет за 2026 година

Почитувани скопјани, транспарентноста и отчетноста отсекогаш биле моја водилка. И за време на кампањата кога ја барав вашата доверба, но и кога секојдневно раководев со Кисела Вода. Истото начело го води и градот Скопје денес.

Токму затоа, годинава го отвораме процесот на планирање на буџетот за 2026 година заедно со вас, жителите на Скопје, невладиниот сектор, бизнис заедницата и сите кои сакаат да придонесат за подобро, поуредено и пофункционално Скопје. Вашите потреби, ставови и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ.

Работејќи во постојана комуникација со граѓаните, веќе собравме голем број конструктивни предлози. Но процесот е отворен и затоа ве повикувам сите партнерски да се вклучите во создавањето на буџетот кој ќе го забрза повторното заживување на нашиот град.

Скопје има огромен потенцијал, а со заедничка визија и мудро планирање можеме да го претвориме во град со кој секој ќе се гордее.

Во новиот буџет ќе бидат опфатени и приоритетните капитални проекти што ги најавивме во делот на инфраструктурните зафати, културата, спортските содржини, животната средина – подобрувања кои ќе го олеснат секојдневието на скопјани и ќе донесат поголем квалитет на живот. Ова е моментот кога секој може да влијае со конкретна идеја, предлог или забелешка. Верувам дека токму со ова отворено партнерство ќе создадеме стабилна основа за долгорочен развој и силно, достоинствено Скопје.

Вашите идеи и предлози ги очекуваме на: gradskibudzet2026@skopje.gov.mk Скопје ќе биде повторно горд град!

Можеби ќе ве интересира

error: Соддржината е заштитена.