Centar.mk
фото МЕП
МАКЕДОНИЈА

Заедничка прес-конференција на МЕП Муртезани и на шведската МЕП, Розенкранц: Потврдена заедничката поддршка за реформите, проширувањето и билатералната соработка

По тет-а-тет средбата и пленарниот состанок на двете делегации, министерот за европски прашања Орхан Муртезани и министерката за ЕУ прашања на Кралството Шведска, Јесика Розенкранц, одржаа заедничка прес конференција на која ги презентираа заклучоците од разговорите. Во својата изјава за медиумите Mуртезани истакна дека Северна Македонија останува целосно посветена на европската интеграција преку исполнување на Копенхашките критериуми, спроведување на Реформската агенда и реализација на Планот за раст. Тој ја нагласи важноста на одржувањето на кредибилитетот на политиката на проширување заснована на заслуги, како и принципиелната поддршка што Шведска ја дава во овој процес. Министерот посочи дека билатералната соработка меѓу двете земји, особено преку СИДА, резултира со значајни проекти во демократијата, владеењето на правото, родовата еднаквост и животната средина и дека ова партнерство претставува пример за долгорочна и суштинска европска поддршка.

Интегрелен текст од изјавата на МЕП Муртезани:
Во времиња кога Европа повторно ја преиспитува својата улога во светот, нашиот разговор со министерката за европски прашања на Кралството Шведска, Јесика Розенкранц, потврди дека идејата за обединета и силна Унија е поважна од кога било. Посетата на мојата шведска колешка носи порака на солидарност, доверба и визија за заедничка иднина во која Северна Македонија ја гледа својата заслужена позиција како рамноправна членка на европското семејство.
На денешните средби, и во нашиот тет-а-тет разговор и на пленарната сесија на двете делегации, отворено и конструктивно разговаравме за европската интеграција, за напредокот во реформите и за предизвиците што ги носи процесот на пристапување. Нагласив дека Северна Македонија ги исполнува обврските и се води од Копенхашките критериуми, кои се и остануваат нашата водилка и најсилниот аргумент за нашето приближување кон ЕУ. Веруваме дека процесот на проширување мора да остане заснован на заслуги и фер пристап, а не на билатерални условувања што се надвор од европските вредности и духот на Унијата.

Со министерката Розенкранц разговаравме и за напредокот на земјата во рамки на Планот за раст и Реформската агенда: клучни инструменти што ја поврзуваат европската перспектива со конкретни резултати. Северна Македонија интензивно работи на испорака на структурните обврски, а дел од мерките, особено во областа на дигитализацијата, деловното опкружување и управувањето со јавните финансии, се оценети како успешно спроведени. До денес се ослободени над 24 милиони евра преку овој механизам, со јасна ориентација кон владеење на правото, транспарентност и ефикасност на институциите. Ова не е само технички процес, туку доказ дека европските стандарди можат да станат секојдневие и во земја која сè уште е во преговарачка фаза.

Нашата дискусија опфати и прашања од билатералната соработка, која е пример за долгорочна и стратешка поддршка во вистинска смисла на зборот, ако се има предвид дека Шведска е единствана земја членка со континуирана билатерална поддршка. Преку Шведската агенција за меѓународна развојна помош, СИДА, и Стратегијата за реформска соработка 2021-2027, се реализираат проекти што го унапредуваат владеењето на правото, родовата еднаквост, одржливиот економски раст и заштитата на животната средина, но и јакнењето на капацитетите на Министерството за европски прашања. Овие програми претставуваат финансиска поддршка, но истовремено, тие се и потврда на шведското убедување дека стабилна, демократска и просперитетна Северна Македонија е од европски интерес.

Шведска и Северна Македонија делат исти принципи: демократска стабилност, почитување на правото и одговорно управување со јавните добра. Затоа сум уверен дека оваа посета ќе ја продлабочи нашата соработка и ќе отвори нови можности за заеднички иницијативи. Во времиња кога Унијата мора да покаже храброст и визија, ние ја потврдуваме нашата определба да бидеме дел од таа визија. Европа што се шири е Европа што верува во себе, а Северна Македонија е подготвена да го сподели тој дух на верба и одговорност.

фото МЕП

error: Соддржината е заштитена.