Centar.mk
НАУКА

Озонската дупка над Антарктикот е најмала во повеќе од три децении

Озонската дупка над Антарктикот е значително помала во 2025 година отколку во претходните години и претставува петта најмала озонска дупка од 1992 година, според новиот извештај на научниците од NOAA и НАСА.

Најголемиот волумен е достигнат на почетокот на септември, кога дупката била околу 22,87 милиони квадратни километри, што е околу 30 проценти помалку од рекордната големина од 2006 година, пишува ABC.

Озонската дупка се однесува на дел од стратосферата со многу ниска концентрација на озон, а истражувачите истакнуваат дека напорите за ограничување на супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка покажуваат значителен ефект.

Монтреалскиот протокол од 1992 година и неговите измени придонесоа за постепено закрепнување на озонската обвивка, која би можела целосно да се обнови подоцна во векот.

Пол Њуман, виш научник на Универзитетот во Мериленд и долгогодишен лидер на истражувачкиот тим на НАСА за озон, нагласи дека озонската дупка оваа година би била поголема за повеќе од еден милион квадратни километри доколку атмосферата останеше на исто ниво на хлор како пред 25 години.

Соединенија како што се хлорофлуоројаглеродите (CFC), порано широко користени во индустријата, значително го оштетиле озонот, додека природните фактори, вклучувајќи ја температурата и атмосферската циркулација, исто така влијаат на промените во озонската обвивка.

Озонската обвивка ја штити планетата од штетно УВ зрачење, а нејзиното слабеење го зголемува ризикот од оштетување на посевите, здравствени проблеми како што се рак на кожата и катаракта, како и други негативни последици за животната средина./Извор:Makfax

error: Соддржината е заштитена.