Centar.mk
фото Собрание на РМ
-МАКЕДОНИЈА

Претседателот Гаши ја прими Глобалната награда за дипломатија во Турција

На 8 ноември 2025 година, во Аланија, Турција, на свечена церемонија во организација на Глобалниот совет за новинарство (GJC), претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, ја прими Глобалната награда за дипломатија.

Ова високо признание претставува благодарност за посветеноста на Собранието во зајакнувањето на парламентарната дипломатија, транспарентноста и одговорноста во работата на институцијата.

Во продолжение го пренесуваме обраќањето на претседателот на Собранието по повод приемот на наградата:

Почитуван претседателе на Глобалниот совет за новинарство,

Почитувани гости,

Голема чест е да се биде награден со Глобалната награда за дипломатија. Уште повеќе кога се добива толку престижна награда во пријателска земја како Турција, земја која зазема посебно место во моето сеќавање, бидејќи мојата прва официјална посета како претседател на Собранието беше токму во Турција. Дозволете ми да им се заблагодарам на организаторите за овој величествен настан и на жирито за ова големо признание и чест. Како претседател на Собранието на Република Северна Македонија, ја фокусирав мојата работа на шест приоритети, од кои три вклучуваат: парламентарна дипломатија, транспарентност и отчетност.

Токму ова препознавање на меѓусебната поврзаност помеѓу дипломатијата, транспарентноста и одговорноста е она што ја прави оваа вечер уште позначајна за мене. Настан како овој, кој ги обединува медиумите, политичарите, академиците и јавните личности од целиот свет, ни покажува што можеме да постигнеме кога комуницираме отворено и работиме заедно за мир и разбирање.

И бидејќи пристигнувам на овој настан од Скопје, би сакал да завршам со зборовите на една истакната скопјанка, Мајка Тереза, која нè потсетува дека: „Добрите зборови можат да бидат кратки и лесни за изговарање, но нивното ехо е навистина бескрајно.“ Да се водиме од овој дух, во дипломатијата, новинарството и во животот.

Ви благодарам за вашето топло гостопримство, за оваа вредна награда и за пораката што ја пренесувате денес: дека светот станува подобро место кога луѓето зборуваат со почит и се однесуваат со љубезност. Ви благодарам!

фото Собрание на РМ

error: Соддржината е заштитена.