Албанскиот парламент доцна синоќа го усвои Законот за родова рамноправност, по повеќечасовна и остра дебата. Законот беше изгласан со 77 гласа „за“, 36 „против“ и без воздржани.
Новите измени утврдуваат дека терминот род се однесува на општествено создадени улоги, однесувања и атрибути што се сметаат соодветни за жени и мажи.
Опозициската Демократска партија остро се спротивстави, обвинувајќи дека законот има за цел „уништвање на семејството“. Премиерот Еди Рама го оцени како „благороден и целосно усогласен со принципите на Европската унија за рамноправност и недискриминација“.
Бившиот премиер Сали Бериша побара од амбасадорот на ЕУ во Албанија да објасни која европска директива бара ваков закон.
Властите нагласија дека целта е да се обезбеди еднаков третман и можности за сите граѓани, без оглед на полот, во сите сфери на јавниот и приватниот живот.
Во Тирана беа одржани и протести на граѓански организации кои го нарекоа законот „антинационален и антисемеен“, предупредувајќи дека може да се злоупотреби и дека не е применлив во пракса.
На истата седница, парламентот ја одби иницијативата за формирање комисија за смена на претседателот Бајрам Бегај, поднесена од опозицијата, која го обвинува за сериозни повреди на Уставот./Извор:Makfax


