Во просек, секој ден по скоро 1 нов MW во последните четири години е вклучен на електроенергетскиот систем покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Заклучно со октомври (2022 година – октомври 2025 година) во Македонија има изградено нови капацитети кои произведуваат електрична енергија од обновливи извори со вкупен инсталиран капацитет од 1 200 MW обелодени Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ на Регионалната конференција за зелена трансформација на Западен Балкан што се одржа во Тирана, Албанија.
„Производството на електрична енергија од сонце е реалност – Елдорадото на фотоволтаични централи ја најави енергетската транзиција, што пак отвори процес на трансформација на електроенергетскиот сектор. Бројките се охрабрувачки, но периодот кој е пред нас е полн со предизвици, а еден од нив е и балансирање на системот кога е во прашање електричната енергија произведена од обновливи извори. Мораме во оваа фаза да делуваме и поттикнуваме инвестиции во енергетски капацитети кои ќе произведуваат базна енергија. Секако и употребата на батериите има своја улога, но неопходно е да е реализираат инвестиции со кои ќе се замени производството на струја од јаглен со гас или биомаса.“ посочи Бислимоски, претседател на РКЕ.
Дигитализацијата на административните процеси при прибавување на пропишаните дозволи и документи како предуслов за зголемување на бројот на инвестиции – е една од клучните пораки на учесниците на Панелот посветен на тоа „Како до формирање на зони за побрза реализација на зелени инвестиции“.
Говорниците меѓу кои енергетичари, економисти и функционери од извршната и локална власт на земјата домаќин порачаа дека енергетската транзиција ќе биде успешна само доколку и домаќинствата ги почувствуваат ефектите, а не само индустријата. Мерки и реформи за паметна енергетската зелена иднина мора да биде цел за политиките кои ги водат земјите од регионот за полесно интегрирање со европскиот енергетски пазар.
фото РКЕ


