8. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Министерот Тошковски на отворањето на Adria Security Summit 2025: Безбедноста е темел на довербата, развојот и квалитетот на живот

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на отворањето на јубилејното, десетто издание на Adria Security Summit, што оваа година по втор пат се одржува во Скопје.

Во своето обраќање министерот Тошковски истакна дека самитот претставува најзначајна регионална платформа која ги обединува институциите, експертите и компаниите од областа на безбедноста и технологијата со цел создавање на посигурни и поотпорни заедници.

„Живееме во време кога безбедноста не се мери само со физичка заштита, туку и со способноста да одговориме на новите форми на ризици – од сајбер напади и дигитални закани, до критична инфраструктура и урбана безбедност. Токму затоа ваквите настани се клучни – тие создаваат мост меѓу јавниот и приватниот сектор, меѓу институциите и индустријата“, нагласи министерот Тошковски.

Тој ја подвлече и континуираната соработка на Министерството за внатрешни работи со Комората за приватно обезбедување, која е еден од клучните партнери во заштитата на јавниот ред и мир и во развојот на интегриран безбедносен систем.

„Приватното обезбедување денес не е само дополнување на полициските ресурси, туку значаен сегмент од вкупната безбедносна архитектура на државата. Заедно со Комората работиме на подигање на стандардите, унапредување на обуките и воведување нови технологии кои ја зголемуваат ефикасноста и довербата во овој сектор,“ истакна Тошковски.

Министерот посочи дека безбедноста е основата врз која се гради економскиот развој, довербата во институциите и квалитетот на живот на граѓаните, и најави дека МВР ќе продолжи со процесите на дигитализација, модернизација и транспарентност со цел создавање на безбедносна средина што ќе ги следи потребите на современото општество.

Во своето обраќање тој ја поздрави и платформата Adria Smart City, што се одржува паралелно со самитот, како пример на интеграција на безбедноста и технологијата во создавањето на поефикасни и одржливи урбани заедници.

На крајот, министерот Тошковски им се заблагодари на организаторите, изложувачите и учесниците и изрази уверување дека Adria Security Summit 2025 ќе биде место на кое ќе се создаваат нови партнерства, ќе се споделуваат добри практики и ќе се дефинираат насоките на идната регионална безбедносна политика.

фото МВР

Можеби ќе ве интересира

ВРЕМЕТО ПОВТОРНО СЕ МЕНУВА: Синоптичарите излегоа со четиридневна прогноза

ДЕСК

Лишена од слобода сопругата на лекарот во кој вчера беше пукано во Куманово

ДЕСК

ВО ТЕК ГОЛЕМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА НИЗ СКОПЈЕ – Се апси на неколку локации низ градот и околината

ДЕСК